ГЕРМАНИЈА ЈА ЗАБРАНИ РАБОТАТА НА ИСЛАМСКИОТ ЦЕНТАР ХАМБУРГ

25.07.2024 Скопје

Поради промовирањето на радикалниот ислам под покровителство на Иран, Германија ја забрани работата на Исламскиот центар Хамбург (ИЗХ), а четири џамии се затворени, меѓу кои и една од најстарите во Германија – сината џамија во Хамбург.

Германското Министерство за внатрешни работи соопшти дека ја забранило работата на Исламскиот центар Хамбург (ИЗХ) и неговите разграноци во Франкфурт, Минхен и Берлин, со тврдење дека промовираат радикални исламистички цели.

Министерството во соопштението наведува дека властите во осум германски покраини рано утринава извршиле претрес на 53 локации на организацијата, постапувајќи по судска наредба.

Обемните докази од претходниот претрес на 55 локации спроведени во ноември дадоа основа за забраната на здружението познато како Исламски центар Хамбург, соопшти Министерството.

„Денес го забранивме Исламскиот центар Хамбург, кој промовира исламистичко-екстремистичка, тоталитарна идеологија во Германија“, рече министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

„Оваа исламистичка идеологија е против човечкото достоинство, правата на жените, независното судство и нашата демократска влада.“

Таа рече дека сака да стави до знаење дека „оваа забрана апсолутно не се однесува на мирното практикување на шиитската религија“.

ИЗХ утрово не бил достапен на телефон, а неговата веб-страница не е достапна за јавноста.

Министерството рече дека ИЗХ дејствувал како директен претставник на врховниот водач на Иран и се обидел да спроведе исламска револуција во Германија што би создала теократско владеење.

Покрај тоа, ИЗХ го промовира антисемитизмот и милитантната група Хезболах поддржана од Иран, која исто така е забранета, се вели во извештајот.

Подготвено од М.Д.

About Author