31.07.2024 Скопје
Претседателот на Финска Александар Стуб изјави денес дека Украина сега е во посилна позиција отколку пред неколку месеци и оцени дека ова е добар момент за почеток на преговорите.
„Дојдовме до точката кога треба да се почнат преговорите. Реалноста е дека ако сакате да ги вклучите Кина и земјите од глобалниот југ, Русија исто така мора да биде вклучена“, кажа финскиот лидер за француски Монд.
Според него, Украина успеала да ја преземе иницијативата во процесот на дијалогот.
„Украина и претседателот Володимир Зеленски се во многу посилна позиција отколку пред два месеци. Тие добиваат оружје и буџети кои им се потребни да ги задржат своите позиции“, оцени Стуб.
Тој истакна дека почеток на преговорите не значи дека Украина треба да прави отстапки.
„Неопходно е да се направи разлика меѓу можен процес на дискусија, кој не си самиот на себе цел, и реален мир“, истакна финскиот претседател.
Според него, патот кон мирот е јасен – Русија мора да ги повлече своите трупи од територијата на Украина.
Но, како што предупреди, тоа не може да се постави како предуслов.
„За почеток, мораме да го убедиме глобалниот југ дека она што Русија го прави е империјализам. Во нивен интерес е да го сопрат овој конфликт. Кина би можела многу да направи да ги сопре непријателствата бидејќи е во силна позиција наспроти Русија“, уверен е Стуб.
Тој истакна дека рускиот претседател Владимир Путин веќе ја направил најголемата геополитичка и тактичка грешка во поновата историја, кога наводно ги преценил сопствените воени способности и ги потценил можностите на Украина и единството на Западот.
Стуб оцени дека зависноста на Русија од Пекинг пораснала до таа мета што Пекинг би можел, кога би сакал, да ја прекине војната во Украина со еден повик на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва.
Подготвено од М.Д.