10.07.2024 Скопје
Европската ракета Аријане 6 ја започна својата прва вселенска мисија со лансирање од вселенскиот центар во Француска Гвајана, по неколку години одложување. Вработените во центарот аплаудираа во моментот кога ракетата вредна четири милијарди евра се искачи на небото.
Откако ракетата без проблем ја достигна саканата висина и распореди голем број мали сателити, на самиот крај од летот настанаа аномалии во нејзиниот горен дел.
Компјутерите донесоа одлука предвреме да ја исклучат помошната енергетска единица која го држи под притисок погонскиот систем. Поради ова, горниот дел од ракетата не можел да добие погон кој би ја истуркал од орбитата и би ја подготвил последната задача на мисијата, а тоа е лансирање на две повратни капсули. Контролорите на летот не можеа да ја поправат ситуацијата, но летот на Аријана сепак беше прогласен за успешен.
„Ослободени сме, многу сме возбудени“, изјави генералниот директор на ЕСА Џозеф Ашбахер.
Тој додаде дека ова е историски момент и дека лансирањето на ваква ракета се случува еднаш во 20 или можеби 30 години.
Успешното лансирање на Ariane 6 по четири години одложување ќе и овозможи на Европа да ги испрати своите сателити во вселената без да плаќа на компании како што е SpaceX на бизнисменот Илон Маск.
Подготвено од М.Д.