05.07.2024 Скопје
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, зборувајќи на самитот на Шангајската организација за соработка во Астана, повика на засилување на притисокот врз Израел за да дојде до прекин на огнот во Газа.
„Урнатините под кои настрадаа повеќе од 16.000 невини деца се, всушност, урнатини на меѓународниот систем кој го изгуби легитимитетот. Израел мора да биде сопрен и приморан да се согласи на траен прекин на огнот, а за тоа е неопходно да се зголеми и зачести притисокот врз израелското раководство“, кажа турскиот лидер.
Тој истакна дека Турција, која поради дејствувањето на терористичките организации изгубила десетици илјади свои граѓани, е земја која „добро го познава и го препознава крвавото лице на тероризмот“.
„Нашето долгогодишно искуство во борбата против тероризмот покажува дека меѓународната соработка е неопходна за спротивставување на оваа закана. Работиме, и покрај сите пречки, на создавање ефикасен и сеопфатен меѓународен систем кој обезбедува мир, безбедност, стабилност и просперитет“, порача турскиот лидер.
Подготвено од М.Д.