02.07.2024 Скопје
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја обвини опозицијата за поттикнување ксенофобија и расизам, еден ден по немирите во Меликгази во централната провинција Кајсери, кога демонстрантите запалија продавници во сопственост на Сиријци.
Немирите избија доцна во неделата по веста дека сириски бегалци таму наводно сексуално вознемирувале седумгодишно девојче од Сирија. Гневните жители демолирале неколку автомобили и запалиле продавници повикувајќи ги Сиријците да го напуштат градот.
Министерот за внатрешни работи Али Јерликаја објави дека се уапсени повеќе од 67 лица осомничени за учество во нередите.
Официјалните лица соопштија дека наводниот насилник бил уапсен, додека девојчето, нејзините браќа, сестри и мајка биле ставени под државна заштита каде ќе добијат психолошка поддршка.
Во телевизиско обраќање, Ердоган ги обвини опозициските партии, кои се залагаат за репатријација на бегалците, за поттикнување насилство.
„Ништо не може да се постигне со поттикнување на ксенофобија и омраза кон бегалците во општеството“, рече Ердоган. „Една од причините за трагичниот настан што вчера го предизвика мала група во Кајсери е отровниот дискурс на опозицијата“, додаде тој.
Слични немири избија во главниот град Анкара во 2021 година, откако турски тинејџер беше избоден до смрт во тепачка со група млади Сиријци. Стотици луѓе кои извикуваа слогани против имигрантите потоа протестираа, вандализираа продавници во сопственост на Сиријци и фрлаа камења врз домовите на бегалците.
Кога избувна граѓанската војна во Сирија во 2011 година, Турција прими голем број сириски бегалци, со што стана земја со најголем број бегалци во светот. Меѓутоа, бидејќи бројот на бегалци само растеше, Турција беше погодена со големи економски тешкотии, имаше зголемено антиимигрантско расположение. Опозициските партии повикуваат на враќање на Сиријците во татковината.
Според официјалните податоци, во Турција моментално има 3,6 милиони бегалци, иако некои тврдат дека реалната бројка може да биде значително поголема.
Подготвено од М.Д.