dvorec_blenheym

18.07.2024 Скопје

За предизвиците што следат во делот на енергетиката и економијата од аспект на регионалното поврзување за балканските држави ќе говори македонскиот премиер Христијан Мицкоски на на четвртата средба на шефовите на држави или влади на членките на Европската политичка заедница, што ќе се одржи денеска во замокот Бленхајм во близина на британскиот град Вудсток во грофовијата Оксфорд. Во владината делегација учествуваат и вицепремиерот Изет Меџити и министерката за енергетика Сања Божиновска.

Според најавите, на средбата 47-те европски лидери ќе разговараат за континуираната поддршка за Украина, како и за заедничките предизвици со кои се соочува Европа, поврзани со енергијата, поврзувањето, безбедноста, заштитата на демократијата и миграцијата.

Покрај Мицкоски и домаќинот на Самитот, британскиот премиер Кир Стармер, на средбата е најавено учество и на лидерите на 27-те членки на Европската Унија, на останатите пет земји од Западниот Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора, на четирите членки на Европска асоцијација за слободна трговија (ЕФТА) – Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија, трите држави од реонот на Јужниот Кавказ – Азербејџан, Ерменија и Грузија, како и Андора, Молдавија, Монако, Сан Марино, Турција и Украина. На средбата ќе присуствуваат и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, претставници на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), како и на претседавачката на опозицискиот „Обединет транзициски кабинет на Белорусија“, Свјатлана Циханускаја.

Во рамки на Самитот ќе се одржат и две тркалезни маси посветени на одбраната и на заштитата на демократијата. Заклучоците од дебатите на овие тркалезни маси ќе бидат презентирани на завршната пленарна седница на Самитот.

Со тркалезната маса посветена на предизвиците за демократијата на која ќе се дебатира за начините за справување со заканите насочени кон европските демократии, вклучително и ширењето дезинформации и манипулациите со странски информации, ќе претседаваат Мишел и црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ.

По завршувањето на работниот дел на Самитот, предвидено е лидерите учесници на собирот да присуствуваат на прием кај британскиот крал Чарлс Трети.

На маргините на Самитот се предвидени и повеќе билатерални средби на учесниците.

Европската политичка заедница беше иницирана од францускиот претседател Емануел Макрон за време на претседавањето на Франција со ЕУ како платформа за поттикнување политички дијалог и соработка за решавање на прашања од заеднички интерес и за зајакнување на безбедноста, стабилноста и просперитетот на европскиот континент.

Одлуката за основање на Европската политичка заедница беше донесена на заседанието на Европскиот совет во јуни 2022. Целта на Заедницата е политичка координација и таа не претставува замена на ниту една постоечка организација, структура или процес.

Претходните три самити на Европската политичка заедница се одржаа во Прага на 6 октомври 2022 година, во Кишињев на 1 јуни 2023 и во шпанскиот град Гранада на 5 октомври 2023 година.

На првиот Самит во Прага, лидерите главно разговараа за прашања поврзани со мирот и безбедност, особено за руската агресија врз Украина и енергетската криза што таа ја предизвика.

На следниот собир во Кишињев главни теми на дискусија беа заедничките напори за мир и безбедност, зајакнувањето на енергетската отпорност и поврзувањето и мобилноста во Европа.

Во Гранада во лани во октомври, лидерите дебатираа за тоа како Европа да се направи поотпорна, попросперитетна и геостратешки позначајна.

Следниот Самит на Европската политичка заедница предвидено е да се одржи на 7 ноември годинава во Будимпешта.

Инаку, дворецот Бленхајм, кој е прогласен за светско културно наследство на УНЕСКО, е родно место на некогашниот британски премиер Винстон Черчил.

Подготвено од М.Д.

About Author