23.07.2024 Скопје
Европската комисија објави ревидирани упатства за правата на патниците во воздушниот сообраќај, што треба да го олесни нивното усогласување со прописите и да помогне во нивно спроведување од страна на националните тела.
Ревизија пред се се базира на пресудите на Европскиот суд на правдата со кои се појаснуваат одредени одредби и се овозможува поефикасно и доследно спроведување на правилата, но додаден е и нов дел поврзан со доцнења и одлагања летовите, како и за правата на лицата со попреченост и со намалена подвижност при патување со авион.
Според ЕК, ревидираните упатства треба да помогнат да се подобри имплементацијата на правата при патување со авион, како и да им се објаснат на патниците потребните постапки во остварување на нивните права и обезбедување соодветна помош, вклучително и преку редовни онлајн кампањи за подигање на свеста и промовирање на мобилни апликации за правата на патниците.
Упатствата доаѓаат заедно со резултатите од новото истражување на Евробарометар, кое покажува дека повеќето Европејци чувствуваат дека немаат доволно информации за нивните права како патници, иако свесноста за нив е зголемена во споредба од пред пет години.
„Резултатите покажуваат дека испитаниците најверојатно се чувствувале добро информирани за правата на патниците за патување со воз (33 отсто), потоа со авион (30 проценти), со автобус (27 отсто) и на крај со брод или ферибот (16 проценти). Истражувањето исто така покажува дека 84 отсто од испитаниците кои побарале помош за лица со попреченост или намалена подвижност биле задоволни од реакцијата на нивното барање“, се наведува во соопштението на ЕК.
Според анкетата, 35 отсто од патниците се информирале за нивните права, што е за 13 процентни поени повеќе отколку во 2019 година.
Во соопштението се додава и дека ЕУ е единствената област во светот каде што патниците се заштитени со целосен сет на права – без разлика дали патуваат со авион, воз, брод или автобус.
„Правата на патниците се засноваат на три темели: недискриминација, точни, навремени и достапни информации и непосредна и соодветна помош. Оваа заштита е единствена во светот“, посочува Еврокомисијата.
Подготвено од М.Д.