02.07.2024 Скопје
До крајот на годинава треба да биде решен проблемот со хируршките сали во Клинички центар. До тогаш ќе работат со исто темпо како што работеа до сега, со тоа што повеќето од половина од капацитетите функционираат, кажа Таравари.
Во меѓувреме се разгледува и можностa за соработка со ГОБ„ 8 Септември“ и со Градската болница дел од итните операции да бидат координирани од Клинички и дали кадарот од Клинички може да ги работи случаите кои се итни и кои не може да чекаат подолг период во овие две болници. Сепак за ова треба да има законско решение за кое Таравари се надева дека ќе имаат разбирање сите политички партии.
Во текот на оваа недела Таравари ќе се сретне и со приватните специјализанти за да се најде вин -вин решение за двете страни, додавајќи дека ние сме единствената држава не во регионот туку во светски рамки каде има приватни специјализации, затоа е потребна и стратегија со која одредени специјализации во иднина ќе бидат ставени во мирување.
Веднаш по назначување на нов директор на Фондот за здравство за прв пат по 15 години ќе има нова позитивна листа на лекови, но и нов Закон за лекови , достапност на квалитетни лекови, но и контрола дали има злоупотреба на истите. Случајот со Онкологија е доволен пример, додаде Таравари и не би сакал да размислувам дека има повеќе „онкологии“ низ Република Северна Македонија.
Владата на седница утре на дневен ред ќе го има законот за укинување на економските директори во здравствените установи, што беше најавено и од министерот за здравство Арбен Таравари пред една недела.
Подготвено од М.Д.