12.07.2024 Скопје
„Влезот на Украина во НАТО би предизвикал глобален конфликт. Ги разбирам желбите на Украина, таа е суверена земја, но членството на Украина во НАТО е само гаранција за третата светска војна“, истакна словачкиот премиер Роберт Фицо во видеото на Фејсбук.
Фицо изјавил дека им наредил на претставниците на Словачка на самитот да повторат дека Украина може да влезе во НАТО само кога ќе ги исполни сите критериуми за членство и откако ќе потпишат сите земји членки на Алијансата.
Коментарите дојдоа само неколку часа откако словачката делегација на самитот на НАТО во Вашингтон го поддржа заедничкиот став дека Украина е на „неповратниот пат“ за приклучување кон Алијансата. Словачка е членка на НАТО од 2004 година. Фицо, кој е во четвртиот мандат како премиер на земјата од 2006 година, вети дека ќе ја прекине воената помош за Украина.
Тој неодамна изјави и дека „многу би сакал да му се придружи“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на минатонеделната посета на Москва за да го посети рускиот претседател Владимир Путин.
Подготвено од М.Д.