ILINDEN-2024-1

29.07.2024 Скопје

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во „Свети Прохор Пчински“, премиерот Христијан Мицкоски во Крушево и претседателот на Собранието Африм Гаши во Скопје ќе ги предводат делегациите по повод одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката кој годинава ќе се одржи под слоганот „Борбата трае“.

Централната манифестација, каде е предвидено да се обрати премиерот Христијан Мицкоски ќе биде на Мечкин Камен во Крушево.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе ја предводи делегацијата која ќе оди во манастирот „Свети Прохор Пчински“.

Обраќањето на Сиљановска-Давкова, како што информираат од владината прес-служба, ќе биде посветено на историското значење на овој празник и на важноста од зачувување на националниот идентитет и традиции.

Во Скопје, одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката ќе биде на плоштадот „Македонија“ каде претседателот на Собранието Африм Гаши ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто.

Потоа Гаши ќе има обраќање на манифестацијата што по овој повод ќе се одржи пред зградата на Собранието.

Од Владата велат дека со слоганот „Борбата трае“ сакаат да ја пренесат пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на нашата држава продолжува, потпирајќи се на историските основи и борбата на нашите предци.

За посетата на Сиљановска – Давкова на „Свети Прохор Пчински“ пред неколку дена информираа од нејзиниот кабинет од каде рекоа дека претседателката имала телефонски разговор со нејзиниот српски колега Александар Вучиќ кога и ја договориле заедничката посета на манастирот.

Заедничката посета по повод чествување на Илинден, како што се наведува во соопштението од претседателскиот кабинет, е во духот на добрососедските односи и продлабочување на пријателските врски на двата народи.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во објава на социјалните мрежи го оцени разговорот со Сиљановска-Давкова за срдечен и ја потврди договорената посета на манастирот Свети Прохор Пчински за Илинден.

Оваа година се одбележуваат 121 година од Илинденското востание и 80 години од одржувањето на Првото заседание на АСНОМ.

Подготвено од М.Д.

About Author