17.07.2024 Скопје
Некои од најбогатите жители на Франција веќе размислуваат да ја напуштат земјата, загрижени поради можноста за зголемување на даноците и политичката нестабилност по неодамнешните парламентарни избори.
По изборите ниту еден политички блок нема мнозинство во парламентот, но најмногу пратенички места освои левичарскиот сојуз.
Неколку советници на богати инвеститори истакнуваат дека повеќе нивни клиенти се во паника и веќе почнале да го преселуваат капиталот во странство. Повеќето се загрижени дека иако ниту екстремната десница ниту крајната левица не победија на изборите, некои од предлозите за кампањата на партиите, како што се повисоките даноци, наскоро би можеле да станат закон.
„Имаме нови клиенти како врвни раководители кои се прашуваат што можат да направат за да се заштитат себеси. После Брегзит дојде до прилив на банкари во Франција, но овие луѓе со високи заработувачки ќе заминат затоа што нема да сакаат да плаќаат повисоки даноци“, вели Ксенија Лежандр, извршен партнер на адвокатската фирма Хоган Ловелс со седиште во Париз.
Левичарскиот Нов народен фронт, кој освои најмногу места на изборите, вети дека ќе ги оданочи суперпрофитите на компаниите и повторно ќе воведе данок на богатство за богатите. Таквиот закон би бил во спротивност со политиките што ги воведе претседателот Емануел Макрон, кои се сметаат за попријателски настроени кон богатите, па дури и му го донесоа прекарот „претседател на богатите“.
„Луѓето кои можат да заминат ќе си заминат ако се усвојат екстремни политики. Франција повеќе нема да биде привлечна за странците, а богатите би заминале“, предвиде Емануел Анжелие, шеф на фирмата за управување со богатство Финансир орион.
Некои луѓе почнаа да го преселуваат капиталот од Франција уште пред вториот круг на гласање, главно во земји како Швајцарија и Луксембург. Повеќето менаџери на богатство велат дека местата како Италија, Дубаи, Сингапур и САД се, исто така, меѓу дестинациите на кои многу француски богаташи го насочуваат својот бизнис.
Подготвено од М.Д.