MONETI EVRA

15.07.2024 Скопје

Во Белгија во моментов има повеќе од 4,2 милијарди монети, чија вредност е повеќе од 1,5 милијарди евра. И покрај ова, некои белгиски продавници сè уште немаат доволно кусур за да им вратат на клиентите кои плаќаат во готово. Тоа е затоа што многу постоечки монети остануваат неискористени.

Кампањата #spendiourchange доаѓа по предупредувањата од голем број клучни трговски федерации во Белгија за недостиг на монети.

Финансиските групи Фебелфин, Комеос и Унзио во 2022 година издадоа заедничка изјава за „натрупаноста“ на монетите од 5, 10 и 20 центи и рекоа дека овие монети не циркулираат доволно.

„Од пандемијата, потрошувачите значително помалку ги користеа овие монети за плаќање и затоа завршуваат во касички, со што се спречуваат да се вратат во оптек кај трговците и банките. Но, бидејќи трговците се уште ги бараат овие монети, се создава недостиг“, велат од федерацијата на финансиски групи.

Доколку Белгијците не сакаат да платат со монетите што ги чуваат дома, имаат можност и да ги депонираат во банка или да ги донираат во добротворни цели.

Со ставање во оптек само 2 отсто од неискористените монети, Белгија проценува дека секоја година може да заштеди повеќе од 5 милиони евра во трошоците за производство.

Намалувањето на производството на нови монети има корист и за животната средина, бидејќи правењето и транспортот на монети ослободува значителни емисии на јаглерод диоксид.

Една од клучните причини зошто монетите мируваат е тоа што сѐ повеќе клиенти се свртуваат кон дигиталните начини на плаќање.

Според Студијата за платежни ставови на ЕЦБ, готовината била користена за 59 отсто од продажните трансакции во еврозоната во 2022 година. Ова е помалку од 72 отсто во 2019 година.

Истражувањата покажаа дека иако потрошувачите претпочитаат електронски начини на плаќање, тие исто така ја ценат опцијата за плаќање во готово. Ова особено се однесува на луѓе постари од 55 години.

Австрија, Германија и Ирска имаат најголем процент на граѓани кои претпочитаат готовина, со резултати од 45, 30 и 30 проценти.

На другиот крај од спектарот, само 7 отсто од финските граѓани изјавиле дека претпочитаат готовина наместо трансакции со картички.

Подготвено од М.Д.

About Author