30.07.2024 Скопје
Не постои ништо што е намерно – или ќе се почитува закон или нема. Јас како министер ќе го почитувам законот и тоа ќе го правам до последната запирка. Стриктно е наведен членот за пресметката во „балансерот“ дека се однесува исклучиво на резидентното население на територијата на Република Северна Македонија. Тоа значи дека сите жители кои живеат на територијата на Република Северна Македонија ќе бидат во пресметката на балансерот, изјави денеска министерот за јавна администрација, Горан Минчев на денешната прес-конференција во просториите на неговото министерство.
Според Минчев, таа тема е завршена и архивирана и се спроведува.
„Најмалку имам намера да провоцирам еден од нашите коалициски партнери. Еден од принципите на коалицијата е и тоа. Во Законот за вработени во јавниот сектор, децидно пишува дека алатката „балансер“ се применува за граѓаните кои живеат на територија на Република Северна Македонија, а тоа е резидентното население. Се надевам дека колегите од ВЛЕН ќе се вразумат и ќе потрошат повеќе внимание на читање на постоечките закони, а нема да се занимаваат со дневно-политички теми“, додаде Минчев.
Министерот ги поништи одлуките на неговиот претходник Алити и ги коригираше процентите во „балансерот“. Според пописот од 2021 година, Македонци од 54,21 проценти сега се 58,44, а Албанци од 29,52 на 24,30%.
Измените се направени согласно законот, тврди Минчев и посочи дека отсега во пресметките на годишните планови за вработувања во јавниот сектор ќе биде вклучено само резидентното население во државата.
120 институции ги доставиле годишните планови за вработување. Поради забелешки со балансерот, Минчев вратил на доработка 115 кои треба да се усогласат со новите проценти, а само 5 го минале филтерот. Во минатото балансерот бил често злоупотребуван за што најави ревизија.
Подготвено од М.Д.