BAJDEN

22.07.2024 Скопје

Џо Бајден ја повлече кандидатурата за претседателските избори 2024.

Американскиот претседател соопшти дека нема да бара втор мандат на изборите во ноември, поради што Демократската партија сега ќе треба да избере друг кандидат да му се спротивстави на републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

По објавувањето дека се повлекува од изборите, претседателот Бајден ѝ даде поддршка во претседателската трка на потпретседателката Камала Харис.

Во изјавата, Бајден кажа дека му било „најголема чест во животот да служи како претседател“.

„Иако имав намера да барам реизбор, верувам дека е во најдобар интерес за мојата партија, земјата и за мене да се повлечам и да се фокусирам единствено на моите должности како претседател во остатокот од мојот мандат“, вели Бајден.

Бајден планира да го одработи преостанатиот дел од неговиот мандат, кој завршува на 20 јануари 2025 година, потврди официјален претставник.

Бајден се повлече по неколкунеделниот интензивен притисок од колегите Демократи по неуспешниот дебатен настап против републиканецот Доналд Трамп на крајот на јуни.

Тој напиша дека следната недела ќе ѝ се обрати на нацијата за ова прашање. Минатата недела тој се врати во својот дом во Делавер откако му беше дијагностициран ковид.

Демократите треба да ја одржат својата конвенција во Чикаго на 19-22 август. Она што требаше да биде крунисување за Бајден сега станува отворен натпревар во кој речиси 4.700 делегати ќе бидат одговорни за изборот на нов претседателски кандидат кој ќе го предизвика републиканецот Доналд Трамп наесен.

Подготвено од М.Д.

About Author