BAJDEN

31.07.2024 Скопје

Американскиот претседател Џо Бајден предложи значителна реформа на Врховниот суд, вклучувајќи ограничувања на мандатот и обврзувачки етички кодекс за девет судии, но предлогот има мали шанси да помине во длабоко поделениот Конгрес.

Бајден предложи амандман на уставот за укинување на широкиот претседателски имунитет, кој беше де факто воведен со пресудата на Врховниот суд од 1 јули во случајот на поранешниот претседател Доналд Трамп.

„Овој народ е основан на едноставниот, но длабок принцип дека никој не е над законот. Ниту претседателот на САД, ниту судијата на Врховниот суд, никој“, напиша Бајден.

Тој го повика Конгресот да донесе обврзувачки правила кои ќе бараат од судиите да откриваат подароци, да се воздржуваат од јавни политички активности и да се изземат од случаите во кои тие или нивните партнери би имале финансиски или други интереси. Тој, исто така, повика на ограничување на мандатот на 18 години за судиите кои сега функцијата ја вршат доживотно.

Бајден ги даде предлозите седум дена откако се повлече од претседателската трка и ја поддржа потпретседателката Камала Харис како ривал на Трамп, републиканскиот кандидат на изборите во ноември.

За време на својот мандат, Бајден назначи еден од деветте судии, либералот Кетанџи Браун Џексон. Трамп назначи тројца од нив, па од 2020 година конзервативците имаат мнозинство од шест спрема тројца.

За разлика од другите федерални судски службеници, судиите на Врховниот суд немаат обврзувачки етички кодекс. Но, според законот, тие мора да соопштат доколку примат подароци, од кои се изземени вечерите или ручеците и ноќевањата во нечиј приватен дом.

Малку е веројатно дека предлозите на Бајден ќе поминат во Конгресот, каде демократите имаат мнозинство во Сенатот, а републиканците во Претставничкиот дом.

Подготвено од М.Д.

About Author