23.07.2024 Скопје
Александар Касаноф е новиот заменик-помошник државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД) за Западен Балкан, како и за печат и јавна дипломатија на Бирото за европски и евроазиски прашања, објави Стејт департментот. Тој доаѓа на местото на Габриел Ескобар, чиј мандат на оваа функција истече во мај годинава.
Во објавата на американскиот Стејт департмент во која се информира за преземањето на функцијата, меѓу другото, се наведува оти Касаноф претходно бил извршен асистент на поранешната потсекретарка за политички прашања Викторија Нуланд и вршителот на должноста потсекретар за политички прашања Џон Бас.
Служел во Ирска, Туркменистан, Чиле и Украина и ја добил наградата за извонредност за својата работа како политички советник во амбасадата на САД во Киев за време на Револуцијата на достоинството, позната како Мајданска револуција во 2014 година во Украина, како и последователната руска инвазија на Украина.
Касаноф дипломирал на Националниот воен колеџ, на Факултетот за напредни меѓународни студии „Џон Хопкинс“ и на колеџот Хамилтон. Зборува француски, италијански, руски и шпански јазик.
Подготвено од М.Д.