20.07.2024 Скопје
Тужбата е покрената врз основа на 63 официјални извештаи со кои се потврдува дека тужените авикомпании не ги почитувале пропишаните стандарди за бучава.
Регионалното Министерство за животна средина на Брисел, во 2017 година на покривот на објектот на Бирото за социјални услуги на бриселската општина Синт Ламбрехтс-Волуве, во чија близина се наоѓа аеродромот, постави мерачи на бучавата што ја предизвикуваат авионите.
Резултатите од мерењата покажале дека 28 проценти од авионите што слетуваат или полетуваат од „Завентем“ ги кршат стандардите за дозволеното ниво на бучава, при што прекршувањата речиси без исклучок се случувале во раните утрински часови, меѓу 6 и 7 часот.
Градоначалникот на Синт Ламбрехтс-Волуве, Оливие Мањан изрази задоволство од одлуката на Агенцијата, иако според него со неа се доцни многу.
„Требаа да поминат седум години за бриселската Агенција за животна средина конечно да се согласи да ги гони авиокомпаниите што ги прекршуваат стандардите за бучава при прелетувањето над општината“, изјави Мањан.
Жителите на Синт Ламбрехтс-Волуве веќе долго време се жалат на бучавата од авионите. Врз основа на нивните поплаки, Општината пред неколку месеци поднесе жалба против новата дозвола за работа што фламанските власти му ја издадоа за аеродромот „Завентем“, кој се наоѓа на територијата на провинцијата Фламански Брабант во регионот Фландрија.
Според локалните власти на Синт Ламбрехтс-Волуве, околу 45 отсто од авионите кои полетуваат или слетуваат на „Завентем“ ја прелетуваат територијата на Општината, односно во текот на 2023 година станувало збор за над 32.000 летови.
Властите на Синт Ламбрехтс-Волуве иницираа и петиција со која се бара од Федералната влада на Белгија да најде решение за проблемот со бучавата во Брисел, што досега ја потпишале над 4000 граѓани.
Подготвено од М.Д.