15.07.2024 Скопје
Нова авиокомпанија почна да лета кон Република Северна Македонија. Станува збор за турската нискобуџетната „АЏет“ која во саботата во Скопје донесе патници од Турција од аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул. Со тоа од ТАВ Македонија очекуваат уште повеќе да се зголеми бројот на патници на двата македонски аеродроми, кој во првите 6 месеци од годинава изнесува 1.458.299 и се реализирани 11.843 летови.
Воведувањето на новата редовна авиолинија од Скопје е значајна пресвртница во стратегијата за проширување на „АЏет“ по преземањето и започнувањето со операции од скопскиот аеродром до Бодрум и Анталија, во јуни.
Патниците од Скопје сега ќе имаат уште една опција и можност за посета на Истанбул, додека Скопје со задоволство ќе ги пречека гостите од Турција и ќе им понуди на посетителите патување богато со историја и минато, додека истовремено ја искусуваат неговата сегашност.
Авиокомпанијата ќе сообраќа на оваа редовна авиолинија од скопскиот аеродром со 4 неделни фреквенции, или секој понеделник, четврток, сабота и недела. Времето на поаѓање од аеродромот Сабиха Гокчен е во 11:30 часот, со време на пристигнување на скопскиот аеродром во 13 часот, додека поаѓањето од Меѓународниот Аеродром Скопје е во 14 часот, а времето на пристигнување на аеродромот Сабиха Гокчен во Истанбул е во 15:30 часот.
Подготвено од М.Д.