30.07.2024 Скопје
И покрај тоа што децата-жртви на трговија со луѓе често остануваат неоткриени и непријавени ширум светот, достапните податоци од Националната комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, што опфаќаат две децении (2001-2021), покажуваат дека децата сочинуваат 70 отсто од жртвите во Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, по повод Светскиот ден на борба против трговија со луѓе, кој оваа година е посветен на децата жртви на трговија со луѓе.
Оваа бројка значително го надминува глобалниот просек, според кој речиси една третина од сите идентификувани жртви на трговија со луѓе се деца. Просечната возраст на децатажртви во земјата е 15 години, при што девојчињата страдаат несразмерно повеќе и се подложени на двојна експлоатација: и сексуална и трудова. Ваквата алармантна распространетост која особено ги погодува младите девојки, го нагласува загрижувачкиот тренд што се влошува во дигиталната ера, се посочува во соопштението и се додава дека УНИЦЕФ повикува на поголеми инвестиции во превенција, заштита, прогон на сторителите и склучување партнерства за да се стави крај на трговијата со деца.
Трговијата со деца на Западен Балкан и понатаму е во пораст и покрај бројните законодавни и практични мерки преземени во претходните години, потенцирано е во Белград на регионалната конференцiиa.
Трговците со луѓе во светот, се вели, го искористија технолошкиот напредок за да оперираат во поголема тајност и да ја зголемат својата профитабилност. Националната подгрупа за борба против трговија со деца известува дека трговците со луѓе сè повеќе ги намамуваат децата со помош на технологијата, преку меѓународно организирани криминални групи и онлајн предатори.
Иако националните партнери постојано вложуваат напори за заштита на децата од трговија со луѓе, состојбата налага поголема заложба и повеќе инвестиции за подобрување на превенцијата, заштитата, прогонот на сторителите и склучувањето партнерства, порачуваат од Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје.
Се препорачува да се зголемат инвестициите во службите за детска заштита и во зајакнување на системот за детска заштита за подобро справување со основните причини за трговија со деца. Сиромаштијата, дисфункционалните семејства и дискриминацијата, се вели во соопштението, ги ставаат децата во поголем ризик да станат жртви на трговија со луѓе. Ситуацијата дополнително се усложнува со слабото спроведување на законите за работни односи и за детска заштита. Поддршката и услугите за превенција, сметаат, мора да опфатат пристап до социјална заштита, здравство и образование за децата и нивните семејства.
Подготвено од М.Д.