zelenski bara oruzje od juzna koreja

12.06.2024 Скопје

Претставниците на десничарската Алтернатива за Германија (АфД) и левичарскиот Сојуз Сара Вагенкнехт-Разум и правда (БСВ), го бојкотираа денес говорот на претседателот на Украина Володимир Зеленски во Бундестагот.

„Одбиваме да слушаме говорник во маскирна униформа“, кажаа претседателите на АфД Алис Вајдел и Тино Чрупала.

„Германската влада не треба да му дава на Зеленски платформа да моли за обнова на Украина. Граѓаните веќе даваат и повеќе од доволно за воена помош, помош на ниво на Европската Унија и социјална помош за бегалците од Украина“, се наведува во соопштението на раководството на АфД, во кое се заклучува дека на Украина ѝ е потребен „мирен претседател“.

БСВ, која ја сочинуваат претставници отцепени од Левица, која има корени во режимот на Источна Германија, го обвини Зеленски дека се противи на мирно решение на конфликтот во Украина.

„Претседателот Зеленски во моментов придонесува на заострување на опасната спирала и истовремено го прифаќа ризикот од нуклеарен конфликт кој би можел да има последици по цела Европа и затоа Бундестагот не би требало да го чести со посебна седница“, се наведува во соопштението на БСВ.

Двете партии претходно изразија разбирање за постапките на Кремљ и се противат на „демонизацијата“ на рускиот претседател Владимир Путин.

Останатите парламентарни партии остро го критикуваа бојкотот на крајната левица и десница.

Двете партии (АфД и БСВ) остварија добар резултат на изборите за Европскиот парламент, а особено во сојузните држави кои некогаш ја сочинуваа Источна Германија уживаат голема популарност. АфД е водечка партија во тој дел од земјата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се обрати во Бундестагот за време на донаторската конференција за Украина одржана во Берлин.

Подготвено од М.Д.

About Author