https://www.facebook.com/photo/?fbid=737553329703851&set=a.229839909324708

13.06.2024 Скопје

Новата Влада ќе биде избрана во периодот од 19-ти јуни до 3-ти јули. Во овој период од 15-те дена треба да се одржи собраниската седница. Рокот почнува да тече од денот кога мандатарот ќе го достави предлогот за состав и програма на Владата, односно од вторник, 18-ти јуни. Мандатарот Христијан Мицкоски најави дека последната виза за имињата на министрите и на нивната програма треба да ја дадат партиските органи кои ќе заседаваат в недела.

„Очекувам Извршниот и Централниот комитет да се произнесат. Доколку тоа е успешно и позитивно, ќе бидат соопштени на јавноста. Официјалниот список на идната Влада заедно со програмата за работа ќе бидат доставени во македонското Собрание во вторник, на 18-ти јуни“, рече мандатарот Христијан Мицковски.

Мицкоски не потврдува дали Александар Николоски, Тимчо Муцунски, Гордана Димитриевска-Кочовска, Панче Тошковски и други ќе бидат дел од министерскиот тим. Новата Влада ќе има 20 министерства. Со Правда и Администрација ќе раководи ЗНАМ. Во 5 од нив ќе министеруваат кадри предложени од „Вреди“. Ќе имаат и две вицепремиерски позиции. Еден од нив е Изет Меџити, вториот веројатно Арбен Фетаи, додека Арбен Таравари е сигурен за здравство.

„Јас колку што знам двајца вицепремиери и пет ресори: екологија, здравство, економија, социјална политика и евроинтеграции. Веќе е ресор“, вели Арбен Таравари.

За Мицкоски, позициите на партиите се јасни: ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ се владеачки, а другите три коалиции и партии – опозициски. Гласовите на Европскиот фронт за реорганизација на државната управа тоа не го менуваат. Но ДУИ се смета себе си за легитимен претставник на Албанците, а со тоа и за партнер во сите важни разговори.

„Може да очекувате и во иднина, било кои разговори за иднината на државата кои ќе бараат согласност и од втората по големина етничка заедница, ќе мора да оди преку легитимниот претставник. Вие може да имате преферирани пријатели во Влада, во вашата коалиција, но во име на Албанците може да зборуваат само оние кои тие ги имаат изгласано. И тоа така ќе биде“, изјави портпаролот на ДУИ, Бујар Османи.

Мицкоски го доби мандатот за составување Влада на 6-ти јуни. Предлогот ќе го достави цела недела порано од крајниот рок, а тој ритам веројатно ќе го следи и седницата за избор на Влада.

Подготвено од М.Д.

About Author