grcija-proekt-dubai-696x423

20.06.2024 Скопје

Грција го гради најголемиот и најзелениот паметен град во Европа како дел од проект вреден астрономски осум милијарди долари.

Градот Елиникон треба да се наоѓа на местото на поранешниот атински аеродром, на брегот на Егејското Море и да ги има првите грчки облакодери, врвни трговски центри, спортски паркови и друг луксуз. Изградбата првично требаше да започне во 2008 година, но беше одложена поради светската финансиска криза која ја доведе грчката економија на работ на колапс.

Како што изјавија изведувачите на овие работи, тие се обидуваат да изградат град која ќе ги спои прекрасните погледи на грчкиот брег со технолошки паметна и еколошка инфраструктура и тврдат дека тоа е најголемиот европски регенерациски проект. Првата фаза од проектот, која се очекува да биде завршена до 2026 година, се проценува дека ќе привлече милиони нови туристи и ќе донесе 3,3 милијарди евра за грчката економија.

Инаку, Елиникон е еден од неколкуте нови високотехнолошки градови кои се градат ширум светот, но најчесто во Азија или на Блискиот Исток, а не во Европа.

Големиот крајбрежен парк е клучен дел од проектот. Таму би се наоѓала и кулата Ривиера, првиот облакодер во Грција и највисоката зграда, со 180 станови на 50 ката.

Извршниот директор на студиото Ламда, кој работи на Елиникон, вели дека градот Елиникон „ќе ја стави Грција на мапата со сите вистински причини“. Но, на реализација на проектот не се согласуваат сите Атињани. Некои жители на грчката престолнина стравуваат дека проектот ќе ја претвори Атина во „мини-Дубаи во Европа“, полна со мегајахти и казина, додека други пак, се жалат на уништување на историските градби поврзани со стариот аеродром.

Подготвено од М.Д.

About Author