07.06.2024 Скопје
По обилните дождови во јужна Германија , особено во источна Баварија, земјата и натаму се бори со силни поплави. Повеќе луѓе се водат како исчезнати, а уште една жена е пронајдена мртва.
Во изминатите неколку дена во јужна Германија падна повеќе дожд од вообичаено во последните 100 години. Во Регенсбург, целосно натопената почва повеќе не може да апсорбира вода и затоа станува нестабилна. Таму службите за итни случаи почнаа контролирано да испуштаат вода на сувата страна на поплавените ѕидови. Се прават обиди да се зголеми стабилноста на почвата за да се намали притисокот на водата на потпорните ѕидови.
Во Пасау, Долна Баварија, нивото на водата на Дунав и Ин полека паѓа – но сепак и натаму е многу високо. Сите мерни места покрај Дунав во долниот тек на реката сè уште го бележат четвртиот водостој – тоа е највисокото ниво на поплава. Во многу населби, жителите почнаа да ги расчистуваат улиците со службите за итни случаи и волонтери за да испумпаат вода од подрумите и подземните гаражи. Контејнери за кабаст отпад и ѓубре од поплавите се поставени на улиците.
Најмалку шест лица загинаа во поплавите во јужна Германија, од кои четири во Баварија. Неодамна, соопшти полицијата, во каналот Миндел во Швабија било пронајдено безживотно тело на 79-годишна жена. Исчезна и 22-годишен пожарникар откако во неделата му се преврте чамецот. Поради поплави и лизгање на земјиштето, патиштата и железницата остануваат затворени во многу области на Баварија.
Добра вест е што метеоролозите не гледаат нова бура која би можела да направи дополнителни проблеми, но и натаму не прогласуваат крај на опасноста. Германската метеоролошка служба предвидува дожд и во следните денови, но не со толкав интензитет како што беше во последните денови.
Подготвено од М.Д.