veternici germanija

03.06.2024 Скопје

Според анализата на енергетскиот тинк-тенк Ember, капацитетот на ветерната и сончевата енергија во Европската унија порасна за 65 отсто од 2019 до 2023 година, а најголем придонес има Германија.

Во извештајот објавен во понеделникот се вели дека Германија учествувала со 22 отсто од зголемувањето, а по неа е Шпанија со 13 отсто. Повеќе од половина од 27-те земји-членки на ЕУ најмалку го удвоија својот капацитет за енергија од ветер и сончева енергија во овој период.

Од 2019 до 2023 година, соларниот капацитет во ЕУ се зголеми за повеќе од двојно, достигнувајќи 257 гигавати минатата година, додека капацитетот на ветерната енергија се зголеми за речиси една третина на 219 гигавати. Благодарение на новите капацитети, комбинираниот удел на енергијата од ветер и сончева енергија во производството на електрична енергија во ЕУ се зголеми од 17 проценти на 27 проценти во последните четири години.

Од 2019 година, енергетскиот сектор на ЕУ значително се промени поради амбициозните климатски политики и мерки за намалување на зависноста од рускиот гас.

Сара Браун од Ембер вели дека амбициозните климатски политики и насочените мерки за оддалечување од рускиот гас создале вистинска и одржлива промена.

Целта на стратегијата за зелениот договор на Европската комисија е обновливите извори на енергија да сочинуваат најмалку 42,5 отсто од енергијата што се користи низ ЕУ до 2030 година. Со Зелениот договор, ЕУ има за цел да стане климатски неутрална до 2050 година. Стратегијата вклучува мерки во области како што се енергијата, транспортот, индустријата и земјоделството.

Подготвено од М.Д.

About Author