28.06.2024 Скопје
Лидерот на бугарската партија ГЕРБ-СДС и поранешен премиер на земјата Бојко Борисов денеска изјави дека во моментов ниту една партија не може да формира стабилна влада.
Тој им рече на новинарите дека актуелната ситуација го попречува напредокот на Бугарија кон пристапување во еврозоната, цел што тој верува дека може да се постигне доколку има стабилна влада предводена од ГЕРБ-СДС.
Борисов ја критикуваше предизборната кампања на одредени партии, велејќи дека политичките партии повеќе се фокусирани на добивање изборна предност отколку на ефективно владеење.
Се очекува претседателот Румен Радев по политички консултации со сите седум пратенички групи да соопшти кому ќе го довери мандатот. Парламентарните избори во Бугарија се одржаа истовремено со изборите за Европскиот парламент на 9 јуни, најмногу гласови доби коалицијата ГЕРБ-СДС на поранешниот премиер Бојко Борисов и освои 68 од вкупно 240 мандати.
Движењето за права и слободи (ДПС) освои 47 мандати, листата Ги продолжуваме промените – Демократска Бугарија (ПД-ДБ) освои 39 мандати, пренесува порталот Новини.
Потоа Препород освои 38 мандати, Бугарската социјалистичка партија (БСП) 19. Зад нив се Има таков народ (ИТН) со 16 мандати и Величина со 13.
Подготвено од М.Д.