veteren-park-bogdanci

13.06.2024 Скопје

Огромен ветерен парк за производство на струја ќе биде првата голема инвестиција на новата влада, најави мандатарот Христијан Мицкоски.

Ќе се гради на површина која опфаќа три општини, помеѓу Карбинци, Штип и Радовиш. Ќе произведува една петтина од струјата која и е потребна на земјава. Без да открие кој ќе ја гради и колку таа ќе чини, Мицкоски најави дека новата ветерна фарма ќе биде странска директна инвестиција во земјава.

Енергетската транзиција во зелена енергија е важна, но сиромашна земја како Република Северна Македонија, не смее да брза за да ја спроведе, оти тоа може да предизвика енергетска криза, беше кажано на Форумот за енергетика кој денеска се одржа во Скопје. Сања Божиновска од ВМРО ДПМНЕ, која е можна кандидатка за министерка за енергетика во новата влада, вели дека земјава ја надмина енергетската криза, но тоа чинеше прескапо.

Според неа, ако 400 милиони евра кои се дадени за увоз на струја и субвенции за потрошувачите, се инвестирале во производствени капацитети, тие ќе останеле во државата. Пофалувајќи го присуството на Мицкоски на Форумот, за кое рече дека дава важна порака за развојот на енергетиката во земјава, амбасадорката на САД во Македонија Агелер потсети дека Република Северна Македонија мора да ги заврши веќе почнатите проекти.

Од друга страна, мандатарот Мицкоски смета дека не смее да се брза со затворањето на капацитетите на јаглен, како што се РЕК Битола и Осломеј, оти земјава ќе го загуби примарното производство, а работници ќе останат без работа.

Подготвено од М.Д.

About Author