13.06.2024 Скопје
Поминаа илјада денови откако на девојчињата во Авганистан им беше забрането да одат на училиште, поради што агенцијата за деца на ОН, УНИЦЕФ ги повика талибанците да им дозволат на девојчињата да се вратат на училиште.
„За 1,5 милион девојчиња, систематското исклучување не само што е јасно прекршување на нивното право на образование, туку резултира со намалени можности и го оштетува нивното ментално здравје“, рече директорката на УНИЦЕФ, Кетрин Расел.
Таа апелираше до талибанците да им дозволат на девојчињата да се вратат на училиште, нагласувајќи дека ниту една земја не може да напредува ако половина од населението е необразовано.
Откако се вратија на власт во август 2021 година, талибанците им забранија на девојчињата и жените да го продолжат своето образование надвор од основното училиште. Меѓутоа, во некои делови од земјата тие посетуваат верски училишта и училишта за акушерки и медицински сестри.
Подготвено од М.Д.