25.06.2024 Скопје
Двајца клучни советници на републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп му претставија план за ставање крај на војната во Украина доколку победи на изборите, кој вклучува одредба дека Киев ќе добие повеќе американско оружје само доколку се согласи на мировни преговори.
Еден од советниците за национална безбедност на Трамп, пензионираниот генерал-полковник Кит Келог, рече дека, според овој план, САД истовремено ќе ја предупредат Москва дека секое одбивање да преговара ќе резултира со поголема поддршка од Вашингтон за Украина.
Според планот, кој го подготвија Келог и советникот на Трамп, Фредерик Флејц, за време на мировните преговори меѓу Украина и Русија, на повеќето борбени линии ќе стапи на сила прекин на огнот. Келог и Флајц му го претставиле својот план на Трамп, а според Флајц, Трамп позитивно реагирал на тој документ.
Планот, исто така, предвидува членството на Украина во НАТО да се одложи за подолг период за да се охрабри Русија да преговара за мир. Трамп постојано изјави дека негов приоритет, доколку добие втор претседателски мандат, ќе бидат итни преговори за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина.
Поранешниот американски претседател ја отфрли можноста за испраќање американски трупи во Украина минатата недела и навести дека наскоро ќе ја намали помошта за Киев доколку биде избран на претседателските избори во ноември.
Подготвено од М.Д.