24.06.2024 Скопје
Албанската фудбалска федерација соопшти дека Европската фудбалска унија (УЕФА) му изрекла суспензија од два меча на албанскиот репрезентативец Мирлинд Даку, откако тој ги наведе навивачите на навредливи скандирања упатени кон Република Северна Македонија и кон Србија по мечот со Хрватска (2-2) на Европското првенство во Германија.
Даку, кој е роден во Косово, по завршувањето на натпреварот од второто коло во групата Б меѓу Албанија и Хрватска се упати кон трибините на стадионот во Хамбург и преку мегафон ги навредуваше Македонците и македонската држава, како и Србија, а потоа ги повика и навивачите на албанската репрезентација да му се приклучат.
Фудбалската федерација на Република Северна Македонија (ФФМ) претходно ги осуди постапките на Даку и побара „релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување што се очекуваат од сите спортисти“.
Даку во меѓувреме упати извинување преку Фејсбук. А рускиот клуб Рубин Казан, за кој настапува Даку, исто така најави казна за својот фудбалер.
Дваесет и шестгодишниот напаѓач нема да игра утре против Шпанија во третото коло и ќе го пропушти осминафиналето на ЕП, доколку Албанија успее да се пласира во нокаут-фазата. Албанците имаат еден бод по првите две кола.
Албанската федерација, исто така, соопшти дека УЕФА изрекла казни во вкупна вредност од 47.250 евра за инцидентите на натпреварот, кога албанските и хрватските навивачи извикуваа антисрпски пароли.
Во текот на второто полувреме од дуелот помеѓу Албанија и Хрватска од трибините можеше да се слушне како дел од албанските и хрватските навивачи заедно скандираат „Убиј го Србинот“.
Барање за поведување истрага дојде и од Фудбалската федерација на Србија (ФСС), чиј генерален секретар Јован Шурбановиќ не ја исклучи можноста српската репрезентација да се повлече од ЕП, доколку инволвираните страни во инцидентот не бидат соодветно казнети.
Подготвено од М.Д.