SUDAN GLADNI DECA

19.06.2024 Скопје

Судан се соочува со глад кој би можел да стане полош од сите кои светот ги видел од Етиопија пред 40 години, предупредуваат американските власти, додека завојуваните војски и понатаму ја блокираат испораката на помош, но залихи оружје за двете страни и понатаму пристигнуваат.

Бидејќи поголемиот дел од вниманието во светот е насочен кон Газа, жариштето на уште една криза со глад создадена од човекот, Судан е веќе најлошата хуманитарна криза во светот и лизга кон хуманитарна катастрофа со историски размери, со далеку помала медиумска покриеност и глобална загриженост. Хуманитарниот апел на Обединетите нации за таа земја доби само 16 отсто од средствата кои ѝ се потребни.

„Потребно ни е светот да се разбуди пред катастрофата која се случува пред нашите очи“, им кажа на новинарите Линда Томас Гринфилд, американската амбасадорка во ОН.

Ал Фашир, главниот рад на областа Северен Дарфур и некогашен хуманитарен центар, веќе втор месец е под опсада на Силите за брза поддршка (РСФ). РСФ е паравоена група која се бори против суданските оружени сили (САФ) од април 2023 година, кога борбата за моќ на двата ривалски генерали, Абдел Фатах ал Бурхан од САФ, де факто владетелот на земјата, и Мохамед Хамдан Дагал од РСФ, попознат како Хемедти, ескалираше во конфликт кој ја подели земјата. Во граѓанската војна се убиени 14.000 луѓе, а 10 милиони се приморани да ги напуштат своите домови.

Советот за безбедност на ОН усвои во четвртокот резолуција која ја состави Британија, со која се бара прекин на опсадата на Ал Фашир, но борбите ескалираа во петокот кога САФ соопшти дека одбил голем напад на РСФ, нанесувајќи „огромни загуби“.

Шефицата на американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД) Саманта Пауер кажа дека постои загриженост околу тоа што ќе се случи со луѓето кои нашле засолниште во Ал Фашир ако тој град падне во рацете на РСФ. Тие сили се главно регрутирани од милициите Џанџавид, кои вршеле масакри додека се бореле на страната на владата од Картум во геноцидот во Дарфур од 2003 до 2005 година.

Таа во петокот најави 315 милиони долари нова американска хуманитарна помош за Судан, но кажа дека никаква помош не стигнува до изолираното население. Двете страни се обвинети дека ја користат контролата врз пристапот до храната како оружје.

Подготвено од М.Д.

About Author