21.06.2024 Скопје
Претседателката Гордана Сиљановска – Давкова ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави, Анџела Агелер.
На средбата беше разговарано за можностите за засилување на соработката меѓу двете земји, за македонските евроатлантски интеграции, како и за потенцијалите кои ги нуди Стратешкиот дијалог за конкретизирање на билатералната соработка меѓу двете земји.
Претседателката Сиљановска-Давкова се заблагодари за севкупната поддршка од САД и ја истакна подготвеноста за натамошно продлабочување на македонско-американското пријателство и меѓусебна поддршка во насока на реализирање на македонските надворешно-политички цели.
Во тој контекст, претседателката истакна дека како стабилен партнер и докажан сојузник на САД во НАТО Алијансата, остануваме фокусирани на заедничките определби за безбедност, слобода и демократски просперитет, со активно учество во заедничките активности во борбата против тероризмот и другите закани врз мирот во светот.
Потенцирајќи дека евроинтеграциите имаат позитивно влијание за демократската и економската консолидација на земјите од регионот, претседателката ја истакна потребата од забрзана европска интеграција. Во таа насока, таа посочи дека пристапниот процес за членство во ЕУ, мора да биде мериторно валоризиран и не смее да трпи политички притисоци од страна на други земји членки.
Подготвено од М.Д.