komitet-na-ministri-se

12.06.2024 Скопје

Комитетот на министри на Советот на Европа годинава за првпат двапати ќе расправа за правата на Македонците во Бугарија. Еднаш тоа се случи во март 2024 година, а се очекува за ова повторно да се расправа во септември. Бугарија треба до 15 јуни да даде конечен одговор за тоа што ќе преземе во врска со пресудите на Судот за човекови права за регистрација на здруженијата на Македонците во оваа земја.

Во последната одлука на Комитетот на министри на Советот на Европа содржани се јасни критики кон бугарските власти за досегашното непреземање на никакви мерки за спроведување на пресудите на Судот за човекови права во Стразбур.

„Се повикуваат властите во Бугарија да ги удвојат своите напори за брзо постигнување опиплив напредок во извршувањето на овие пресуди преку преземање на решителни активности за да се решат недостатоците во функционирањето на сегашниот механизам за регистрација“ (се мисли на регистрацијата на ОМО Илинден), која е носечка организација во групата пресуди ОМО Илинден и другите против Бугарија како и на останатите етнички македонски здруженија, културни друштва и невладини организации).

Во точка 8 од овој заклучок е направен досега најголемиот исчекор во споредба со другите досегашни одлуки: „Бугарските власти до 15 јуни 2024 година треба да дадат информации за сите горенаведени прашања. Одлучено е да се продолжи со испитувањето на овие случаи на нивниот 1507 состанок (септември 2024 година). Ако нема опиплив напредок или распоред за усвојување на убедливи дополнителни мерки, ја изразуваме нашата подготвеност при следното испитување на овие случаи да се разгледа можноста за нова активност насочена кон зајакнување на политичкиот дијалог и соработка со бугарските власти, за да се осигура дека Бугарија целосно, ефикасно и брзо ги спроведува овие пресуди“.

При тоа, нашите дипломатски извори од Стразбур укажуваат дека мартовската одлука на Комитетот на министри треба да се чита неразделно од неодамна предложените мерки на Секретаријатот на Советот на Европа за подобрување на ефективноста на надзорот на Комитетот во случај на неизвршување на судските пресуди. Во основа, предложените мерки го наложуваат следново:

„Во Декларацијата од Рејкјавик, шефовите на држави и влади го повикаа Комитетот на министри да продолжи со својата работа за подобрување на достапните алатки во надзорот на извршувањето на пресудите со јасни и предвидливи, постепени чекори во случај на неизвршување или постојано одбивање да се извршат правосилните пресуди на Судот, на соодветен и флексибилен начин, кој ги зема предвид специфичностите на секој случај“.

Ова значи дека во случаи кога се забележува постојан недостаток на напредок од страна на тужената држава, Комитетот може да ги преземе потребните мерки за извршување, да воспостави практика на усвојување предвидлива низа од привремени резолуции кои на крајот би можеле, во исклучителни околности, да доведат до усвојување на привремена резолуција според член 46 став 4 од Конвенцијата.

Најсуштествен дел на предложените мерки е барањето Комитетот на министри да прибегне кон усвојување на две привремени резолуции за предупредување – за да се поттикне тужената држава да влезе во засилен дијалог на високо ниво со Комитетот во дефинирана временска рамка. Уште повеќе, доколку се дојде до состојба на усвојување на втора резолуција за предупредување, тоа би значело дека случајот покажува ризик од одбивање да се извршат пресудите на Судот во Стразбур од, во случајов Бугарија. Тогаш, Комитетот ќе треба да размисли за преземање на понатамошни дејства, вклучувајќи – како последно средство, во најсериозните и исклучителни случаи – почнување на постапката според член 46 став 4 од Европската конвенција за човекови права заради одбивање да се преземат наложените соодветни мерки во дефинираната временска рамка.

Оваа одредба од Конвенцијата го овластува Комитетот на министри, во случаите кога одредена држава „одбива да се придржува до конечната пресуда за случајот во која е странка”, врз основа на одлука донесена со мнозинство гласови од две третини од претставниците нa државите во Комитетот, „да упати до Судот прашање дали таа држава не ја исполнила својата обврска од став 1”, поточно да ги почитува и изврши конечните пресуди на Судот во Стразбур во секој од случаите во кои таа била странка. Ако Судот утврди повреда на таквата обврска на државата, случајот повторно се упатува до Комитетот на министри, кој ќе може да разгледува различни мерки што треба да се преземат, вклучително и времено замрзнување на правото на глас на претставникот на државата која одбива да ги извршува пресудите на Судот.

Од ова може да се претпостават следните чекори, можности и мерки во рамките на механизмот на Советот на Европа за конечно придвижување на комплексниот случај со неизвршување на пресудите од групата случаи ОМО Илинден и другите против Бугарија од страна на бугарските власти. Истовремено, очигледно е дека се стеснува и просторот на Бугарија за постојано и несанкционирано одбегнување на обврските за извршување на пресудите на Судот во Стразбур и придржување кон резолуциите и одлуките на Комитетот на министри.

Во зависност од одговорот што бугарските власти треба да го дадат до 15 јуни, ќе зависи и текот на расправата и мерките што Комитетот на министри ќе ги разгледува на септемвриска сесија, при што не се исклучува можноста, доколку не се утврди никаков напредок по прашањето со слободата на здружување на етничките Македонци во Бугарија, Комитетот повторно да се наврати на случајот и на декемвриската сесија. Само за споредба, заклучно со 2023 година, Комитетот со ова прашање се занимаваше само еднаш годишно.

Подготвено од М.Д.

About Author