internet izmami 3

26.06.2024 Скопје

Еден од податоците кои беа презентирани на конференцијата Point 2024 во Сараево, на која се разгледуваат и разменуваат регионалните искуства за борбата против дезинформациите во вестите, но и во рекламите беше застрашувачки. Цифрата беше во долари и изнесуваше неверојатни 1,026 трилион.

Односно 1,026 трилиони долари тежат интернет измамите со лажни реклами, со извлекување податоци преку лажни мејлови, со продажба на непостоечки производи.  Според овој податок извлечен од анализата на GASA, Глобална алијанса против дигиталните измами, излегува дека секој 4-ти граѓанин на планетата кој пристапил на интернет, барем еднаш бил жртва и изгубил пари на онлајн измама.

Податокот го сподели новинарот Крејг Силверман. Го опишуваат како голем борец против лажните вести и дезинформациите, а последните истражувања ги насочува кон истражување на пазарот на интернет реклами кои огласувачите-компаниите ги плаќаат на социјалните мрежи,  а потоа овие компании ги разделуваат на веб сајтови или профили кои имаат голема публика и кликови.

Но, според Силверман, токму тука е проблемот бидејќи многу често најотварани содржини на интрнет или на социјални мрежи се лажни вести или измами за некој лек или совети за брза заработувачка. Иако се базирани на лажни вести и дезинформации, тие содржини добиваат солидна сума пари за интернет реклами кои им ги доделуваат сервисите како Googleads. Истите пари потоа дополнително се вложуваат во креирање на нови измами и дезинформации и на измамникот му носат нов ќар и профит.

-Постои одговорност на платформата ако сте Google или компанија за интернет реклами, а имате политика на платформата која вели: „Не дозволуваме измамнички реклами, не дозволуваме финансиски да ја злоупотребувате заедницата“ итн. Тоа се политики и речиси секоја рекламна мрежа ги има , така што рекламите не треба да воопшто дозволени на креатори кои шират таква содржина, рече Силверман и посочи дека големите технолошки компании не го прават тоа и ги доделуваат рекламите на оној кој има публика без разлика дали содржината на која се „лепи“ таа реклама е точна или е измама и лажна вест.

Интернетот често се користи и за продажба на конкретни работи за одредена цена иако во реалноста тие не вредат. Кривично или криминално гледано станува збор за измами.

Една таква измама која беше спомната на овогодинешната Point конференција беше пример од Република Северна Македонија, новиот случај со Велес и со Трамп во главни улоги. Станува збор за измама со продажба на невалидни кредитни картички со ликот на Трамп кои што ги купуваа наивни постари Американци сметајќи на тој начин ќе му помогнат тој да стане повторно претседател на САД, а потоа парите кои ги дале ќе им вредат и по десетпати повеќе.

Подготвено од М.Д.

About Author