27.06.2024 Скопје
Скопје вечерва е зафатено од силно невреме проследено со силен ветер, грмотевици и град во некои населби. Има пријави за паднати дрвја врз возила. Екипа на МКД.мк на терен регистрира неколку такви случаи.
Со силен дожд, проследен со грмотевици и град беа зафатени Ѓорче Петров, Карпош и во центарот на Скопје.
Екипа на МКД.мк беше кај Тутунскиот комбинат, каде падна дрво врз возило Предизвикана е штета врз возилото, а полицијата го регистрира случајот и го регулира сообраќајот.
Паднато дрво регистрираме и на бул.Јане Сандански кај ТЦ Капитол во населбата Аеродром. Полицијата го регулира сообраќајот, се вози по една лента.
Во населбата Аеродром во 20.30 часот добиена е пријава за откачен олук на бул.АСНОМ бр.12, поради јак ветер.
„Олукот претставува опасност и загрозување на безбедноста, во кој што пријавителите во моментот го држат на нивната балконска тараса за да не падне и направи штета. За истото РЦУК Скопје контактирал со пријавителите и истите испратиле и видео клип. Исто така РЦУК Скопје ги известил надлежните во населбата“, велат од ЦУК.
Паднато дрво го оневозможува сообраќајот на клучката Бутел – Радишани, а поплавени подруми има на ул.84.
Се препорачува граѓаните да не бараат засолниште од дождот под осамени дрвја.
Невреме кое предизвика штети имаше и во Полошкиот регион, а повторно поплавени дворови, подруми и штети на возила има во Тетово.
ЦУК информира и за штети од невреме во кумановско и за една поплавена куќа во Куманово.
Подготвено од М.Д.