06.06.2024 Скопје
Четири лица загинаа, а уште 23 се повредени кога патнички воз се судри со товарен воз во чешкиот град Пардубице.
Несреќата се случи синоќа околу 23 часот во градот Пардубице, на околу 100 километри од Прага.
Патничкиот воз патувал од Прага кон словачкиот град Кошице и во него имало повеќе од 300 патници.
Снимките што ги објавија чешките сајтови покажуваат дека најмалку еден вагон излетал од шини. Од 23 повредени лица, 20 се здобиле со полесни повреди, а тројца се со потешки повреди.
„ Судирот на двата воза во пардубице е голема трагедија. Нашите мисли се со жртвите и повредените“, напиша чешкиот премиер Петр Фијала на Х, изразувајќи сочувство.
„Товарниот воз превезувал калциум карбид, но првите два вагона биле празни, па нема истекување. Започнавме истрага за несреќата, па засега е рано да се шпекулира што е причината“, изјави министерот за транспорт Мартин Купка.
На местото на несреќата, распоредени се голем број пожарникари, болничари и лекари, како и два спасувачки хеликоптери. Чешките железници соопштија дека сообраќајот кон Моравија ќе биде подолг период во прекин.
Подготвено од М.Д.