RINGISHPIL

25.06.2024 Скопје

Во Добој, северна Босна и Херцеговина, во Паркот на народни херои, вчеравечер се урна рингишпил при што беа повредени децата кои се наоѓаа на него.

Четири деца се повредени, а нивните родители ги пренеле на раце во блискиот Здравствен дом.

Екипите за итна помош пристигнале за 2-3 минути, но родителите веќе ги однеле децата.

На местото на настанот имало и полицајци кои заедно со родителите под конструкцијата на рингишпилот извлекле повредени деца.

„Она што ме шокираше како репортер беа сцените со мајките и татковците кои си ги довикуваа децата. Пофалби за сите присутни кои веднаш со свои раце ја подигнаа конструкцијата додека ги извлекуваа децата. Имаше и млади полицајци кои со раце извлекуваа повредени деца. Лелеците на мајките, кои ги повикуваа своите деца, беа шокантни“, објави новинар, кој бил од местото на настанот, на социјалната мрежа Фејсбук.

Според изјавата на дежурната лекарка во „Здравствениот дом Добој“, Ивана Дедиќ, децата првенствено биле згрижени и по протокол веднаш биле пренесени на дијагностичко-терапевтско лекување во болницата „Добој“.

Станува збор за отворени повреди на главата и на лицето, но сите деца биле свесни. Нивните животи не се во опасност.

Подготвено од М.Д.

About Author