13.06.2024 Скопје
Десничарската популистичка италијанска премиерка Џорџија Мелони оди на самитот на Г7 зајакната и мотивирана од добрите резултати на европските избори. Таа е домаќинка на самитот на Г7 во луксузниот хотел „Борго Егнацио“, недалеку од Бари. Покрај Италија, групата седум најважни западни економски нации ги вклучува САД, Канада, Јапонија, Франција, Велика Британија и Германија, како и Европската унија.
„Меѓу големите нации во Европа, италијанската влада е секако убедливо најсилна“, самоуверено рече Мелони пред да замине од Рим.
Факт е дека францускиот претседател, германскиот канцелар и британскиот премиер во моментов дома имаат потешкотии. Емануел Макрон распиша нови избори за 30 јуни и постои ризик од поместување надесно. Олаф Шолц и неговата коалиција составена од СПД, Зелените и Либералите претрпеа тежок пораз на европските избори. Конзервативецот Риши Сунак најверојатно ќе мора да ја предаде својата функција на лабуристите по изборите на 4 јули.
Само Мелони може да тврди дека на изборите победила удобно со нејзината десничарска националистичка коалиција. Таа сега сака да има важен збор во ЕУ и соодветно да дејствува и во Г7. Нејзиниот однос со американскиот претседател Џозеф Бајден, кој исто така е во предизборна кампања, е многу добар – тие главно се согласуваат за трансатлантските прашања и поддршката за Украина во одбраната од Русија.
Прашањето за Украина е високо на агендата на седумте западни земји кои обезбедуваат клучна финансиска и воена помош за Киев. Во разговорите се очекува да учествува и Володимир Зеленски. Потребно му е повеќе оружје со подолг дострел, муниција и повеќе воздушна одбрана. Канцеларот Олаф Шолц веќе вети дека ќе работи на обезбедување поголем капацитет за воздушна одбрана од земјите на Г7 и пошироко. Досега некои европски земји кои имаат систем за противракетна одбрана „Патриот“ се колебаа да го испорачаат на Украина.
Во врска со стационирањето на западни војници во Украина – земјите од Г7 не се согласуваат. Додека Франција и Велика Британија се отворени за тоа, Германија, САД и Италија силно го отфрлаат тој чекор.
Џорџа Мелони сака да го префрли фокусот на подобра соработка со Африка во снабдувањето со суровини и енергија, синџирите на снабдување и управувањето со миграцијата. Дванаесет гости од африканските и индо-пацифичките земји се поканети да разговараат за поголеми инвестиции во Африка и за заедничка продукција на еколошка енергија во Африка за Европа.
Во рамките на Г7 веќе имаше многу африкански иницијативи од ваков вид. Недостигаа конкретни финансиски обврски и рамноправна соработка, критикуваше пред средбата невладината организација Оксфам. Со само три проценти од нивните годишни трошоци за одбрана, земјите од Г7 би можеле ефикасно да се борат против гладот во Африка. „Владите на Г7 успеваат масовно да инвестираат во вооружување, но кога станува збор за запирање на гладот, тие одеднаш банкротираат“, рече Тобијас Хаусшилд од германскиот Оксфам.
Организацијата за развојна помош ОНЕ се жали дека финансискиот ангажман на Западот во Африка всушност е намален во последниве години. Долгот, пак, рапидно се зголемува. Отплатата на долговите, сѐ повеќе за заеми од Кина, веќе ги гуши некои земји во Африка, се вели во соопштението на ОНЕ по повод самитот на Г7.
Г7 ќе ја поддржи резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за прекин на огнот во војната меѓу исламистичката терористичка организација Хамас и Израел. Седумте земји и ЕУ очекуваат Хамас веднаш да ги прифати условите за прекин на огнот, изјави висок дипломат на ЕУ пред состанокот. Мора да се ослободат израелските заложници и да се стави крај на хуманитарните страдања на Палестинците во Појасот Газа. Сепак, за дипломатите не е јасно дали Израел целосно стои зад резолуцијата.
Подготвено од М.Д.