MIGRANTI MEKSIKO TEKSAS

05.06.2024 Скопје

На мигрантите фатени како нелегално ја минуваат границата со Мексико може да им биде одбиен азил и брзо да бидат вратени во Мексико, според новите ограничувања објавени денеска од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за да се воведе ред на јужната граница.

Новите мерки стапуваат на сила веднаш, исклучок се деца без придружба, лица кои се соочуваат со сериозни закани по здравјето и безбедноста и жртви на трговија со дрога, изјави висок функционер за новинарите.

Бајден го заостри својот пристап кон безбедноста на границите бидејќи имиграцијата се наметна како главно прашање што ги интересира Американците пред изборите на 5 ноември, каде Бајден ќе се соочи со републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

Новите ограничувања за барателите на азил не се трајни, изјави за новинарите американски официјален претставник. Тие се активираат кога дневниот просек на апсења на граница во една недела ќе се искачи на 2.500 и се паузираат кога апсењата паѓаат под 1.500 дневно, рече официјалниот претставник.

Сепак, останува нејасно како оперативно ќе се спроведат новите мерки, колку брзо администрацијата ќе ги депортира мигрантите од далечните земји со кои САД немаат односи и колку мигранти кои не се од Мексико би било подготвено да прифати.

Бајден ја презеде функцијата во 2021 година, ветувајќи дека ќе промени некои од рестриктивните имиграциски политики на Трамп, но се соочи со рекордно ниво на дневни нелегални влегувања во земјата, тренд што ги оптоварува граничните служби и градовите каде пристигнуваат мигрантите.

Трамп го критикуваше Бајден за повлекување на некои од неговите политики и вети дека ќе дејствува строго доколку биде реизбран.

Новите ограничувања потсетуваат на политиката на Трамп и се повикуваат на истиот член од законот што послужи како основа за забраната за патување на Трамп, која блокираше луѓе од повеќе муслимански и други земји.

Новите ограничувања се очекува да предизвикаат тужби од групите за мигранти и граѓански права, кои го критикуваа Бајден за спроведување на политиките на Трамп и отфрлање на законските обврски на Америка кон барателите на азил.

Подготвено од М.Д.

About Author