Dejvid-Gir-Pres

06.06.2024 Скопје

Секој од трите договори – Договорот од Преспа со Грција, Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и Охридскиот рамковен договор, на различни начини ѝ донесоа придобивки на Република Северна Македонија, а за Европската Унија е од големо значење што земјата работи на нивно целосно спроведување, порача вчера евроамбасадорот Дејвид Гир.

„Договорот од Преспа, за кој толку жестоко се разговара во моментов, донесе огромни придобивки за вашата земја. Трговијата меѓу Република Северна Македонија и Грција е двојно зголемена од неговото потпишување, развиена е културната соработка и зајакната комуникација меѓу народите на двете земји, како и соработката меѓу двете земји, вклучително и меѓу нивните армии. Различни придобивки донесоа и Охридскиот рамковен договор и Договорот за добрососедство со Бугарија. Важно е ЕУ да се надоврзува на оваа соработка и да работиме на целосна имплементација на сите договори кои ќе придонесат за побрзо членство, т.е. да го забрзате евроинтегративниот пат на вашата земја“, рече Гир по отворањето на „Европската куќа“ во Тетово.

Според неговите зборови, ЕУ очекува да се формира стабилна влада во Република Северна Македонија, која ќе ги преземе сите неопходни чекори за спроведување на потребните реформи, со цел земјата што поскоро да влезе во Европската унија.

Подготвено од М.Д.

About Author