17.06.2024 Скопје
Израелската армија соопшти дека воведува привремен прекин на огнот, кој ќе важи само долж автопатот Салах-ал-дин кој влегува од преминот Карем Шалом, и продолжува до европската болница во близина на градот Кан Јунис.
Во остатокот од Газа, борбите продолжуваат непречено, соопштија израелските одбранбени сили.
Целта на привремениот прекин на огнот е да се овозможи влез на поголеми количини хуманитарна помош во појасот, откако последните недели израелската армија беше често обвинувана дека ги бомбардира хуманитарните конвои.
Според израелските медиуми, премиерот Бенјамин Нетанјаху, и министерот за одбрана Јоав Галант, воопшто не биле информирани за овој потег на армијата, додека пак министерот за национална безбедност, Итамар Бен Гвир го нарече будала тој што одлучил да се воведе прекин на огнот долж овој коридор.
Израелската војска предупреди на можна поширока ескалација додека продолжува тензијата на границата со соседен Либан.
Предупредувањето доаѓа во текот на осуммесечните речиси секојдневни судири меѓу милитантната група Хезболах и израелските сили во позадина на судирите на израелската војна против Хамас во Појасот Газа.
Хезболах, сојузник на палестинската група Хамас поддржан од Иран, неодамна нападна длабоко на територијата на Израел и воведе употреба на ново и понапредно оружје.
Израелски воени авиони бомбардираа цели во неколку градови во Либан тврдејќи дека станува збор за седишта на милитантната организација поддржана од Иран.
Хезболах вели дека ќе ги запре нападите само ако има примирје во Газа.
Подготвено од М.Д.