Zvjezdan-Ružić-GKS-20

20.06.2024 Скопје

Во петок на 21 јуни 2024 година, во Куршмли Ан, со почеток во 20:00 часот свечено ќе биде отворено 45-то издание на фестивалот Скопско лето, со ексклузивен концерт, за првпат во Република Северна Македонија, на хрватскиот уметник, пијанист и композитор Звјездан Ружиќ.

Повеќенаградениот хрватски пијанист и композитор Звјездан Ружиќ ќе настапи на отворањето на Скопско лето! Звјездан доаѓа во Скопје со својот уникатен проект „Пијанотрон“. Пијанотрон е комбинација од пијано, мелотрон и педали на кои Звјездан свири со нозете. Накратко – Звјездан е човек – оркестар! Иако Звјездан е академски џез пијанист, тој го опишува Пианотрон како филмска музика, украсена со влијанија од џезот, класичната, поп, рок и етно музиката. Звјездан има соработувано со многу големи уметници, како што се: „2Cellos“, „Harlem Gospel Choir“, Јосипа Лисац, Масимо Савиќ, Нели Андреева, Лука Паљетка и многу други. Со неговата музика има настапувано низ целиот свет: од Америка, низ Европа, одржа две големи турнеи во Кина, а со „2Cellos“ одржа голема турнеја во Јапонија, Австралија и Нов Зеланд.

Неговите авторски албуми беа наградени со 5 престижни награди за дискографија „Порин“ (познато како хрватско Греми), а Хрватскиот музички сојуз 6 пати му ја додели наградата „Статус“ за најдобар џез пијанист во Хрватска.

Звјездан е официјален уметник за „Yamaha Pianos“ за целиот свет, а во Скопје пристигнува директно од Лондон, каде што моментално живее и ја гради својата меѓународна кариера. На неговиот роденден, на Светскиот ден на музиката, Звјездан Ружиќ и неговиот пијанотрон ќе ја почестат публиката во Скопје со вечер за паметење!

Подготвено од М.Д.

About Author