04.06.2024 Скопје
На крајот на 2023 година американската компанија „Florida Panhandle“ ја објави својата листа на плажи со најчиста вода во светот, а на врвот се најде грчката Праса.
Клучниот збор во овој избор го дадоа самите туристи. Прво, бил креиран список од 50 плажи ширум светот кои биле највисоко рангирани на страниците со рецензии од патниците. Резултатот на секоја плажа потоа бил пресметан врз основа на процентот на рецензиите кои споменуваат „чиста вода“. Вкупно, тимот анализирал повеќе од 2,4 милиони рецензии за да ги избере најчистите.
Според вака обработените податоци, се покажало дека плажата Праса на Кимолос во Грција ја има најчистата вода во светот според оценката на туристите.
„Грчкото крајбрежје е најдолго во медитеранскиот басен, познато по кристално чистото море и богатата сина нијанса“, стои во наводите.
„Затоа, не е ни чудо што повеќето од светските плажи со чиста вода се наоѓаат во Грција, на чело со плажата Праса на островот Кимолос, за која дури 43,56% од јавно достапните рецензии на туристите ја споменуваат фразата „чиста вода“.
По плажата Праса, на второто место на листата на плажи со најчиста вода е уште една грчка- плажата Генади на островот Родос. Следува заливот Пилех во Тајланд.
Подготвено од М.Д.