Image by jannoon028 on Freepik

06.06.2024 Скопје

Дигиталната технологија сѐ повеќе влијае врз финансиската индустрија. Модернизацијата на плаќањето е особено изразена и зема сѐ поголем замав и во нашата економија.

Според податоците од платежната статистика за 2023 година, на Народната банка, забележано е зголемување на безготовинските платежни трансакции од 16 %, во споредба со 2022 година, односно 87 трансакции по глава на жител. Според глобалната база на податоци „Финдекс“, на Светската банка, процентот на возрасни што извршиле или примиле дигитално плаќање се зголемил од 44 % во 2014 година на 64 % во 2021 година. Ова го кажа гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на почетокот од работилницата под наслов „Дигитализацијата на финансиските услуги и нивната примена во банкарскиот сектор“, која се одржа во Народната банка.

Гувернерката посочи дека, преку низа активности, се поддржува примената на новите технологии во плаќањето и дека од суштинско значење за ова се и стратешкиот пристап и носењето финтек-стратегија за финансиските регулатори за периодот од 2023 до 2027 година, изработена од Народната банка.

Според неа, дигитализацијата, покрај предности, носи и нови ризици, како сајбер напади. Оттаму, од голема важност е да се подигне јавната свест за овие предизвици преку процесот на финансиска едукација, но и преку спроведувањето на европскиот Закон за дигиталната оперативна отпорност.

Сајбер нападите стануваат сè покомплексни и посилни, а, според некои анализи, оваа година тие ќе ја чинат глобалната економија 9,5 трилиони американски долари, а во наредните две години би се зголемувала загубата со стапка на раст од 15 проценти.

На работилницата стана збор и за Законот за платежни услуги и платни системи, кој води кон значајна пресвртница и со кој се овозможуваат нови решенија за дигитално плаќање, кои, покрај банките и штедилниците, ќе ги развиваат и новите даватели на платежни услуги од финтек-секторот.

Претставниците на банките се согласни дека дигитализацијата на финансиските услуги значително го трансформира финансискиот сектор. Сè повеќе граѓани плаќаат електронски, и тоа најчесто преку мобилен телефон. Подигањето готовина од банкоматите се зголемува, а користењето на банкарските шалтери се намалува. Се зголемува и интересот за електронски увид во сметките.

Во малопродажбата во земјава, сè уште доминанта улога има плаќањето во кеш (со готовина), евидентен е голем раст на безготовинското плаќање. Овие трендови особено дојдоа до израз за време на ковид-пандемијата, но и натаму продолжуваат.

Според Европската централна банка, 73 отсто од малопродажното плаќање во рамките на ЕУ сè уште е во кеш.

Повеќе од 100 централни банки во светот, дополни, ја анализираат потребата за издавање своја дигитална валута, вклучително и Народната банка, а четири централни банки веќе имаат издадено своја дигитална валута.

Подготвено од М.Д.

About Author