03.06.2024 Скопје

Од 1 јуни, сите загрепчани над 65 години кои живеат во градот Загреб можат бесплатно да го користат градскиот јавен превоз, а со оваа одлука се опфатени околу 160.000 жители кои живеат во Загреб, соопшти загрепската управа.

За да не се создаваат гужви, ЗЕТ овозможи преоден период во кој е можно бесплатно користење на транспортната услуга со приложување на важечка лична карта.

Преодниот период важи од 1 јуни до 30 септември 2024 година, во кој граѓаните можат да подигнат бесплатен годишен купон со важност од 12 месеци на продажните места на ЗЕТ, соопшти градската власт.

Градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, истакна дека успеале да обезбедат бесплатен ЗЕТ превоз за сите граѓани на Загреб постари од 65 години, благодарение на закрепнувањето на финансиите на градот.

„Со оваа одлука се приклучуваме на голем број европски градови како Лисабон, Мадрид, Љубљана, Прага или Будимпешта, кои на овој начин ја олеснуваат мобилноста на старите лица и им ги намалуваат трошоците за живот“, додаде тој.

Оваа одлука е во согласност со зелената ориентација на оваа градска администрација чија цел е зајакнување на јавниот превоз.

Томашевиќ истакна дека за време на неговиот градоначалнички мандат се набавени 65 нови автобуси, 20 нови и 11 користени трамваи, во моментов се набавуваат половни автобуси и возила ЗЕТ за лицата со посебни потреби, а имаат намера да купат уште 40 нови трамваи и 100 автобуси со обновливи извори на енергија.

Подготвено од М.Д.

About Author

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *