ODISEJA 2024

10.06.2024 Скопје

„Филхармонија на отворено“ годинава не носи на футуристичко патување низ дел од филмографијата на најкреативниот режисер на сите времиња – Стенли Кјубрик, визионерот кој изврши огромно влијание врз светската филмска уметност. Концертот носи наслов „Одисеја 2024“, кој е инспирација од неговиот револуционерен филм „2001: Вселенска одисеја“, но и кој ја најавува новата концертна сезона на Македонската филхармонија, ќе се одржи во Градскиот Парки Скопје на 19 јуни во 19.30 часот.

Под диригентската палка на маестра Дијана Имери Илкоска, ќе бидат изведени музички теми од големите композиторски имиња од светот на класичната музика: Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, кои ги одбележаа маестралните филмови: „Одисеја 2001“, „Пеколен портокал“, „Бери Линдон“ и „Очи широко затворени“.

Кјубрик на музиката гледал како едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори, ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика.

Во прилог е програма на концертот:

Р. Штраус: „Заратустра“ („Одисеја 2001“)

Л. Бетовен: Симфонија бр. 9, 2 став („Пеколен портокал“)

Ј. Штраус: „На убавиот син Дунав“ („Одисеја 2001“)

Џ. Росини: Увертира од операта „Севилскиот берберин“ („Пеколен портокал“)

А. Хачатуријан: Адаџо од балетот „Гајане“ („Одисеја 2001“)

Џ. Росини: Увертира од операта „Вилијам Тел“ („Пеколен портокал“)

Џ. Росини: Увертира од операта „Крадливата страчка“ („Пеколен портокал“)

Е. Елгар: „Свечен и церемонијален марш“ („Бери Линдон“)

В. А. Моцарт: Марш од операта „Идоменео“ („Бери Линдон“)

Г.Ф.Хендл: „Сарабанда“ („Бери Линдон“)

Ж. Пук: „Бал под маски“ („Очи широко затворени“); Солист: Минела Богдановиќ, вокал

Д. Шостакович: Валцер бр. од 2 од „Џез свита“ („Очи широко затворени“)

Подготвено од М.Д.

About Author