21.06.2024 Скопје
Холандскиот премиер во заминување Марк Руте ќе биде следниот генерален секретар на НАТО, откако сите 32 членки на Алијансата се договорија тој да го наследи Јенс Столтенберг.
По поддршката од Унгарија и Словачка пред два дена, Романија денеска потврди дека ќе гласа за Руте, откако романскиот претседател Клаус Јоханис ја повлече својата кандидатура за шеф на НАТО.
За време на состанокот на Врховниот совет за национална одбрана, Јоханис истакна дека ги информирал сојузниците во НАТО за повлекувањето на неговата кандидатура.
Руте доаѓа на чело на НАТО во критични времиња.
Тој ќе ја преземе функцијата на 2 октомври, само еден месец пред американските избори, кои ќе ја обликуваат судбината на овој воен сојуз кој служи како најуспешна бариера на Источна Европа против руската агресија.
Подготвено од М.Д.