05.06.2024 Скопје
Како би сакале целосно да ја наполните батеријата на вашиот паметен телефон за една минута? Ова ќе им овозможи на производителите на паметни телефони да користат батерии со помал капацитет.
На овој начин, ќе се остави повеќе простор во уредот за да се додадат компоненти потребни за подобрени компјутерски перформанси и способност за обработка на поголеми количини на податоци.
Според една нова студија објавена во Зборникот на Националната академија на науките (PNAS), револуционерна техника откриена од Универзитетот во Колорадо може да им овозможи на телефоните да полнат до 100% капацитет за само 60 секунди.
Новата техника се заснова на движење на јони низ суперкондензатори. Јон е атом кој има нето позитивен полнеж, а суперкондензатор се користи за складирање на енергија за време на циклусите на полнење и празнење со високи струи и кратко траење.
Во соопштението за печатот, истражувачот Анкур Гупта откри дека со тоа што јоните ќе се движат поефикасно, полнењето и ослободувањето енергија ќе биде побрз процес, овозможувајќи и на ќелијата во вашиот телефон да оди од 0% до 100% за една минута или помалку.
Гупта забележува дека иако некои од овие техники се користени за проучување на протокот во порозни материјали како што се резервоари за нафта и филтрација на вода, тие не се целосно проучени од гледна точка на системи за складирање енергија.
„Со оглед на критичната улога на енергијата во иднината на планетата, се почувствував инспириран да го применам моето знаење од хемиски инженеринг за унапредување на уредите за складирање енергија“, рече Гупта.
„Се чинеше дека темата е недоволно истражена и како таква, тоа беше совршена можност.“
Гупта додава:
„Примарната привлечност на суперкондензаторите лежи во нивната брзина. Па, како можеме да го забрзаме нивното полнење и ослободување на енергија? Со поефикасно движење на јоните“.
Едно од најголемите откритија на истражувачите покажува дека јоните се движат поинаку од електроните на пресеците на малите нанометарски пори.
Истражувањето покажало и дека движењето на јоните било различно од она што се очекувало според законот на Кирхоф.
Овој закон се користи за одредување на протокот на струја во електричните кола од 1845 година.
Преку ова истражување, движењето на јоните во сложена мрежа од илјадници меѓусебно поврзани пори може да се симулира и предвиди за само неколку минути.
Гупта вели: „Тоа е скок во перформансите. Ја најдовме алката што недостасува“.
Не е јасно колку време ќе биде потребно за ова истражување од лабораторија да стане технологија што ќе биде во вашиот телефон.
Но, идејата да можете да ја наполните батеријата на вашиот телефон за миг треба да помогне да се забрза истражувањето и комерцијализацијата на решението.
Подготвено од М.Д.