https://www.flickr.com/photos/whatisnext/14103654933/in/photolist-nuhVfn-cXLDCA-Z1ZbYi-XSFeDf-9UATkA-5SuZMW-ZaNwCs-yV5hkV-iBo8LM-7WaG8J-ac336f-EW5vp-pxBka2-iBoPTG-kLKDPQ-HsfQBK-puAnLM-5J5Cdb-xTNDCW-6p8f4g-bVSY5N-snnPJR-bAYqrm-iBohkE-iBohau-28Gsd15-54sCFB-ZYXCbF-25BsHqx-2CrPon-NsKfdC-avTZFM-214XUdE-RqqQ8c-2cLrAPA-oK3JT7-a66Vv1-2cLrAHJ-25zCTfu-oP29x2-rWTeXR-St4h5i-2cLrAFj-ZsvYNd-2RjDPd-6p8FDh-q1PAX6-2bJKmGd-28LycjB-2dmFSYj

25.06.2024 Скопје

Најголемата бугарска проруска партија Препород е спремна да формира влада ако другите парти во парламентот ги прифатат нејзините услови за референдум за излегување од НАТО и отфрлање на еврото.

Лидерот на партијата Костадин Костадинов, на кој му е забранет влез во Украина бидејќи е осомничен дека е руски шпион, кажа дека влада можат да формираат сите партии во Народното собрание освен двете водечки партии – ГЕРБ и ДПС.

„Да, имаме разлики (со останатите), но тие се на идеолошка основа, во повеќето случаи на надворешнополитичка, што значи дека станува збор за идеи, принципи и идеали. Во овој случај лесно е да се најде арбитар меѓу бугарскиот народ. Би можеле да одржиме референдуми за еврото или за НАТО“, вели Костадинов.

Уставниот суд на Бугарија веќе го отфрли референдумот за еврозоната како неуставен, а Еуроактив додава и дека е невозможно да се преиспита членството на таа држава во ЕУ за што наводно исто така се залага Препород.

Костадинов тврди дека ако бугарскиот парламент не избере влада со мандатар од владејачката ГЕРБ, постојат две опции – „или кабинет со премиер од Препород или нови избори“.

ГЕРБ и ДПС, според него, се сијамски близнаци кои се голем проблем за функционирањето на политичкиот систем на земјата. Костадинов додаде дека Бугарија „е во политичка криза без преседан“ поради рекордно ниската излезност од 34 отсто на последните парламентарни избори.

„Затоа им се обраќаме на сите останати. Во оваа ситуација или можеме да се обединиме и тоа да им го покажеме на бугарските граѓани, кои јасно не сакаат ГЕРБ и ДПС да владеат со земјата, или агонијата ќе продолжи да ја уништува земјата. Нема трет пат“, додаде Костадинов.

На јунските избори Препород беше четврти зад ГЕРБ, ДПС и прозападната коалиција Продолжуваме со промените/Демократска Бугарија. Во Европскиот парламент Препород е членка на Идентитет и демократија, но планира да го напушти и да формира суверенистичка група со Алтернатива за Германија.

Подготвено од М.Д.

About Author