27.06.2024 Скопје
Изборот на носителите на водечките раководни позиции во ЕУ, Стратешката агенда 2024-2029 година, состојбите во Украина и на Блискиот Исток, безбедноста и одбраната, конкурентноста, миграцијата, хибридните напади и прашања од надворешната политика, ќе бидат главни теми на дводневниот Самит на Унијата што почнува попладнево во Брисел.
Во поканата упатена до шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ за учество на Самитот, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел посочува дека тоа ќе биде особено значаен состанок, бидејќи има суштинска агенда и со критични одлуки кои ќе го обликуваат патот на Унијата во следниот период.
– Меѓу овие одлуки, особено се издвојуваат три. Прво, ќе ја донесеме Стратешката агенда.
Почитувајќи ја својата улога согласно договорите, Европскиот совет ќе ги обликува приоритетите на ЕУ и ќе ги постави стратешките ориентации на Унијата за следните пет години, кои ќе ја насочуваат работата во текот следниот институционален циклус.
Второ, ќе го одредиме патот за внатрешните реформи и трето, ќе се договориме за институционалните назначувања, наведува Мишел во поканата.
Всушност, најважна точка на ова заседание на лидерите на ЕУ ќе биде носењето одлуки за избор на претседател на Европскиот совет, номинирање на претседателот на Европската комисија и именување на висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност.
Изборот на носителите на овие функции се врши согласно процедури пропишани во Договорот на Европската унија (ТЕУ), при што мора да се води сметка дека избраните лидери мора да ја одразува различноста на ЕУ во однос на географското потекло, големината на земјата, полот и политичката припадност.
Согласно одредбите од Договорот на ЕУ, претседателот на Европскиот совет се избира со квалификувано мнозинство од страна на шефовите на држави или влади на земјите членки на Унијата со мандат од 2,5 години, со право на реизбор.
Кандидат за оваа функција е поранешниот португалски премиер Антонио Кошта од Социјалистичката партија (ПС), која е дел од Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД).
Врз основа на резултатите од Евроизборите, Европскиот совет го предлага кандидатот за функцијата претседател на Европската комисија, кој го избира Европскиот парламент со мнозинство гласови од вкупниот број европратеници.
Доколку предложениот кандидат не го добие потребното мнозинство гласови во ЕП, Европскиот совет во рок од еден месец мора да предложи нов кандидат.
По ова истата процедура продолжува во Европарламентот со додека предложениот кандидат не биде избран со потребното мнозинство.
Актуелната претседателка на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен е кандидатка за реизбор на функцијата.
Таа доаѓа од редовите на германската Христијанско демократска унија (ЦДУ), која е членка на Европската народна партија (ЕПП).
Според одредбите од ТЕУ, Европскиот совет го назначува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност со мандат од пет години.
Одлуката за назначување на „првиот дипломат на Унијата“ се носи со квалификувано мнозинство на членовите на Советот и во договор со претседателот на Европската комисија.
Кандидат за наследник на Жосеп Борел на оваа функција е естонската премиерка Каја Калас, која членка на Реформската партија (РЕ), која пак е дел од либералната група во ЕП, „Да ја обновиме Европа“.
Согласно ТЕУ, Советот на ЕУ официјално ја именува целата Европска комисија, откако таа претходно ќе добие поддршка од Европскиот парламент со мнозинство гласови од пратениците што гласале.
Одлуката за именување на ЕК, Европскиот совет ја носи со квалификувано мнозинство.
Се очекува Советот да ја усвои и Стратешката агенда на ЕУ за периодот 2024-2029 година, која претставува политички план што ги поставува правците и целите на Унијата за следниот период.
Врз основа на дискусиите меѓу лидерите на ЕУ за предизвиците и идните приоритети на блокот, утврдено е Стратешката агенда да се заснова на три столба – слободна и демократска, силна и безбедна и просперитетна и конкурентна Европа.
Исто така, се очекува лидерите да усвојат патоказ за идните активности поврзани со внатрешните реформи, што треба да ги преземе ЕУ за исполнување на долгорочните амбиции и за зајакнување на нејзините капацитети за справување со сè покомплексните предизвици, кои би се одвивале паралелно со процесот на проширување на Унијата.
Инаку, заседанието на Советот ќе започне со размена на мислења со украинскиот претседател Володимир Зеленски, што ќе биде можност да се разговара за ситуацијата на теренот во Украина и, како што наведува Мишел во поканата, „да се забележат некои достигнувања од нашата последна средба“.
Според најавите, лидерите на ЕУ ќе се осврнат на руската агресија врз Украина во сите нејзини димензии, во услови на ескалација и интензивирање на руските напади врз цивили и критична инфраструктура.
Предвидено е тие да разговараат за сеопфатната помош на ЕУ за Украина, особено за воената поддршка и во тој контекст, тие ќе разговараат за иницијативите покренати од некои земји членки на Унијата за доставување муниција и ракети на земјата и за поддршка во рамките на Европскиот мировен фонд.
– Императив е да ја интензивираме нашата воена поддршка за Украина, фокусирајќи се на противвоздушната одбрана, муницијата и ракетите.
Дополнително, ние мора да продолжиме да обезбедуваме широка меѓународна поддршка за праведен мир во Украина врз основа на Повелбата на ОН, наведува Мишел во поканата.
Се очекува лидерите да се осврнат и на напредокот во користењето на профитите од замрзнатите руски средства за поддршка на Украина и нејзината обнова, како и процесот на зачленување на земјата во ЕУ по одржувањето на првата Меѓувладина конференција во вторникот на која беше усвоена Преговарачката рамка.
– Бевме амбициозни и храбри во насочувањето на вонредните приходи од блокираните руски средства за поддршка на Украина оваа година.
За следните години заедно со партнерите ќе обезбедиме кредити за Украина за дополнителни 50 милијарди евра, додава Мишел, посочувајќи дека Европскиот совет ќе биде можност да го поздрави усвојувањето на Преговарачката рамка и одржувањето на Меѓувладината конференција со Украина, како историски чекори во поддршка на пат на земјата кон членство во ЕУ.
На Европскиот совет ќе стане збор и за најновите случувања на Блискиот Исток и најважните приоритети, вклучително состојбата во Газа, дистрибуцијата на хуманитарната помош за Појасот, иницијативите за итен и одржлив прекин на огнот и безусловно ослободување на киднапираните цивили од страна на Хамас, како и за влијанието на конфликтот врз Западниот Брег и Либан.
Се очекува лидерите на земјите членки на ЕУ да разговараат и за „катастрофалната криза на Блискиот Исток“ и да ја реафирмираат посветеноста на Унијата за ставање крај на конфликтот во Газа во соработка со нејзините меѓународни и регионални партнери, како и за избегнување на понатамошна ескалација на тензиите во регионот и за постигне траен и одржлив мир заснован на решението за две држави – Израел и Палестина.
– Меѓународното право и меѓународното хуманитарно право мора да се почитуваат во сите околности.
Во овој контекст, ќе повикаме на целосно спроведување на условите од предлогот за прекин на огнот утврдени во Резолуцијата 2735 на Советот за безбедност на ОН и за почитување и спроведување на наредбите на Меѓународниот суд на правдата, потенцира Мишел во поканата.
Според него, лидерите на ЕУ ќе го повторат повикот за итен прекин на огнот во Газа, ослободување на сите заложници и зголемување на хуманитарната помош за да се задоволат потребите на цивилите на теренот.
– Ќе ја повториме нашата непоколеблива определба за траен и одржлив мир врз основа на решението со две држави.
Ќе продолжиме да ја поддржуваме палестинската управа и да работиме со сите наши партнери во регионот и пошироко за да го оживееме процесот за таа цел, додава Мишел.
Лидерите на ЕУ ќе продолжат со дискусиите за зголемување на севкупната одбранбена готовност и способност на Унијата.
Тие, исто така, ќе разговараат и за дополнително зајакнување на европската одбранбена технолошка и индустриска база и за опциите за мобилизирање повеќе средства за одбранбена индустрија во ЕУ.
Дебата за пазарите на капитал, започната на Советот одржан на 17 и 18 април, ќе продолжи со разгледување на напредокот во подобрување на конкурентноста на ЕУ, зајакнување на економска отпорност и искористувањето на целосниот потенцијал на единствениот европски пазар.
– Врз основа на нашата обемна размена за конкурентноста на состанок на Европскиот совет во април, ќе го разгледаме напредокот на сите наши иницијативи за подобрување на конкурентноста, фокусирајќи се особено на пазарите на капитал на Унијата, наведува Мишел.
Европскиот совет ќе расправа и за миграцијата, како и за одговорот на ЕУ на зголемувањето на хибридните активности насочени кон Унијата и нејзините земји членки и држави партнери, кои вклучуваат заплашување, саботажи, манипулации и странско мешање, ширење дезинформации, злонамерни кибер напади и инструментализација на мигранти од трети земји.
Во делот на прашањата од надворешната политика на заседанието ќе стане збор за позицијата на ЕУ во врска со случувањата во Грузија, поврзани со т. н.
Закон за странски агенти, како и за изградба на стратешки пристап на Унијата кон регионот на Црното Море.
Лидерите ќе разговараат и за поддршката на Молдавија за справување со предизвиците што произлегуваат од руската инвазија врз Украина и за процесот на зачленување на Кишињев во ЕУ по одржувањето на првата Меѓувладина конференција во вторникот на која беше усвоена Преговарачката рамка.
– Сметам на вас да вложите максимални напори за да постигнете договор за овие важни прашања.
Решителна и насочена Унија е од суштинско значење во овие времиња, заклучува Мишел во поканата до лидерите на ЕУ за учество на Самитот.
Подготвено од М.Д.