OFFEST AFRIKANSKA MUZIKA

04.06.2024 Скопје

Две големи имиња на африканската музика, Бомбино и Би-Си-Ју-Си ветуваат беспрекорно фестивалско доживување на отворањето на 23. ОФФест, на 6 јуни во Националната опера и балет. Бомбино е еден од најреномираните претставници на прославениот „пустински блуз“. Јужноафриканските ѕвезди Би-Си-Ју-Си се познати по својот афро-психоделичен транс и миксот од меланезиски, индиски, африкански влијанија и европски фолк со елементи на импровизирана музика на холандскиот секстет „Бои аки“, во комбинација со оригиналниот и моќен звук на француско-етиописката супергрупа „Куту“.

Најголема ѕвезда на фестивалот годинава ќе биде Висенте Амиго, кој се смета за наследник на легендарниот композитор и фламенко гитарист Пако де Лусија. Со две „Греми“ награди зад себе, придружуван од музичари од највисока класа, тој ќе го претстави своето фасцинантно творештво, кое што му донесе светска слава и придонесе неговото име да стане референца за фламенко гитарата денес. Директорот на фестивалот, Оливер Белопета, посочи дека немањето на летна сцена, публиката не може  да го доживее фестивалот поопуштено.

Периодот на одржување на ОФФест не е баш идеален со оглед на тоа што во тој период имаме веќе летни температури, а фестивалот се одржува во Националнат опера и балет и во Младинскиот културен центар без можност за концерти на отворена летна сцена која Скопје ја нема и без можност во концертите да уживаме танцувајќи со пиво во рака – рече Белопета.

Освен на хендикепите на нашата инфраструктура, тој се пожали и на немањето комплетна поддршка од македонските медиуми, од што ги исклучи порталите, како и на недоволните финансии, а се осврна и на македонскиот менталитет одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали барем еднаш некој од концертите ќе почне на време. Најавувајќи ги ѕвездите на ова 23. издание на фестивалот, Белопета проговори и за неизвесната иднина на овој, како и на скопскиот Џез-фестивал на есен.

Сепак, она од што тие како организатори и на двата фестивала не отстапуваат е нивниот базичен концепт – изборот на големи и актуелни ѕвезди на светската музичка сцена.

Последната вечер на ОФФ-Фест ќе биде во знакот на три извонредни европски состави: фуриозниот полски гудачки квинтет „Волоси“ со својот оригинален микс во кој се вкрстуваат влијанијата на рок, џез, етно, амбиент и филмската музика, потоа домашните нео-фолк миленици во подем „Калата“, како и познатиот српски модерен етно колектив „Нејкид“.

Во рамките на предфестивалската „програма плус“ ќе бидат премиерно прикажани и документарните филмови „Сезарија Евора“ и „Агадез, музиката и отпорот“.

Останува и нашата традиција секоја година да претставуваме и една македонска група која грижливо ја избираме да биде нешто што сметаме дека во иднина ќе може да си го најде патот за Европа и годинава тоа е бендот „Калата“ – најави Белопета.

Подготвено од М.Д.

About Author